ПРЕМИЕРА: Со bZ4X концептот, Toyota најавува нов електричен SUV! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Со bZ4X концептот, Toyota најавува нов електричен SUV!

Новиот концепт за електричен SUV, всушност е најава за сериски модел кој би требало да пристигне следната година.

Дизајнот на концептот на Toyota е исклучително футуристички, но истовремено изгледа како уште утре да ќе отиде во сериско производство. Концептот го носи името bZ4X, и е своевиден поглед во иднината на Toyota, односно чекор кон воведувањето на сè повеќе електрични модели во гамата на јапонскиот гигант. Името најавува вкупно 15 нови електрични возила, од кои седум ќе го носат името bZ – кое пак значи Beyond Zero.

Концептот го карактеризира дизајн со нагласени детали – на предниот дел забележуваме тенки светла, профилот е нагласено-купеовски со лебдечки кров, додека на задниот дел забележуваме модерни светлосни елементи. Околу целиот концепт забележуваме комплексни форми кои се надеваме дека ќе ги видиме и кај серискиот автомобил – особено околу задните врати и задните крила.

Кабината е значително поконвенционална. Пред возачот се поставени дигитални инструменти, на централната конзола има голем мултимедијален уред. Сепак, управувачот е поставен ниско, а инструментите се над него – од Toyota кажуваат дека ваквиот пристап ја нагласува просторноста, но истовремено ја подобрува и прегледноста.

Не знаеме многу за спецификациите, но знаеме дека концептот е поставен на e-TNGA платформата која е развиена во соработка со Subaru. Од Toyota напоменуваат дека финалниот продукт ќе ги комбинира легендарните квалитет, издржливост и доверливост на Toyota со експертизата на Subaru за погон на сите тркала за да испорачаат возило кое ќе нуди забавно и комфорно возачко искуство.

Серискиот модел ќе се произведува во Јапонија и во Кина, а ќе се нуди глобално. Според најавеното, продажбата ќе започне на средина на следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.