Toyota официјално потврди дека и понатаму ќе нуди мал градски автомобил – но Aygo ќе биде заменет со трендовски кросовер кој ќе биде целосно-нов продукт поставен на платформата на Yaris.
Новиот кросовер воведува интересен нов дизајнерски јазик за Toyota. На прв поглед, дизајнот на Aygo X Prologue е интересна еволуција на дизајнот на тековниот Aygo и препознаваме некои интересни дизајнерски елементи – како на пример дизајнот на задните светла.
Сепак, кросоверскиот став му дава значително поробустен изглед. Предниот дел е заострен и модерен, со отвори за воздух и „двослоен“ поклопец на моторот. Интересно се изведени предните светла, кои се споени во еден единствен елемент.
Сличен дизајнерски потег е направен и на задната страна – задните светла се споени во еден елемент. Има и интересни додатоци – како на пример носачот за велосипед кој е интегриран директно во задниот браник, или пак камерите поставени во страничните ретровизори, наменети да го снимаат движењето на автомобилот. Од Toyota кажуваат дека овие камери се наменети да ги „забележат и споделат специјалните моменти при истражување“.
Знаеме дека следниот Aygo ќе ја дели платформата со новиот Yaris. Тоа значи дека ќе добие бензински или хибриден погон, а не е исклучена ниту целосно-електрична верзија.