Cupra брендот на SEAT расте – и тоа на навистина забележлив начин. Тукушто го претставија Formentor VZ5 кој добива пет-цилиндерски турбо-бензинец со 390 коњски сили!
Cupra денес го слави третиот роденден, а специјалниот подарок доаѓа во форма на Formentor VZ5!
За оние кои кажуваат дека „семејните врски се проблематични“ – им го претставуваме Formentor VZ5. Моќниот супер-спортски модел на Cupra го добива легендарниот 2.5-литарски, 5-цилиндерски турбо-бензинец од Audi кој испорачува 390 коњски сили и 480 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува кон сите четири тркала преку 7-степен DSG менувач со двојна спојка, а резултат на сето тоа е катапултирање до 100 километри на час за 4.2 секунди и повеќе-од-задоволителна максимална брзина од 250 километри на час.
Интересно, Cupra ќе произведе само 7000 примероци од Formentor VZ5, а екстремната верзија ќе добие и засебни, лесно-препознатливи елементи. Ќе препознаете многу бронзени елементи – на пример, 20-инчните тркала, но и специјални значки и завршетоци на издувниот систем. Formentor VZ5 добива и поголеми и помоќни сопирачки, детали од карбон, поширока трага и пониска каросерија… Дополнително, добива и редизајнирана хауба, дискретно редизајниран преден браник, мат црни детали и уште многу, многу повеќе…
Кабината добива специјални Cup спортски седишта, детали од брусен алуминиум, дигитални инструменти, Nappa кожа.. За мерак! Од Cupra додаваат дека рекалибрирана е и суспензијата, а управувањето е прилагодено да биде уште подинамично и подиректно. Останува само да почекаме и самите да седнеме зад управувачот!