Италијанците секогаш ги правеле работите некако… Поинакви! Подобри. Е сега – зошто мислиме дека Giulietta во комбинација со 1.4-литарскиот турбо-бензинец е скриен скапоцен камен во понудата на Alfa Romeo?
Веќе добро ја познаваме Giulietta – пред околу година и половина се појави на нашите страници опремена со 1.6-литарки турбодизел и уште тогаш ни остави позитивни впечатоци. Да, Giulietta не е најновиот модел на пазарот – всушност се продава веќе подолго време – но низ годините изгради репутација на забавен, доверлив и неизмерно шармантен автомобил кој заслужени ги освои симпатиите на многумина.
Денес повторно ќе зборуваме за Alfa Romeo Giulietta, но овој пат за Giulietta опремена со основниот, 1.4-литарски турбо-бензинец кој испорачува 120 коњски сили. И не само тоа, туку ќе се обидеме да објасниме зошто токму оваа комбинација е скриениот скапоцен камен во понудата на италијанскиот бренд.
Препознатлив Alfa Romeo дизајн.
Хечбекот кој е секојдневна слика на нашите улици сè уште го привлекува вниманието. Ни се допаѓа црвената боја, а ни се допаѓаат и деталите – широките колкови и ставот кој на Giulietta ѝ овозможува да изгледа како да е подготвена да скокне.
На предниот дел сè уште се истакнува карактеристичната Alfa Romeo маска, додека профилот е дури купеовски благодарение на скриените рачки на задните врати. Сепак, најверојатно би одбрале број-два поголеми тркала за поубаво да бидат пополнети крилата и ставот да е уште подинамичен и поспортски.
Кабина каде примарниот фокус е кон уживањето во возењето!
Влегуваме внатре во Giulietta и нè пречекува комфорна и изненадувачки просторна кабина. Како што напоменавме и минатиот пат – атмосферата во кабината на Giulietta е типично-италијанска – седењето е ниско, седиштата „ве гушкаат“ и најважните команди за уживање – управувачот, менувачот и педалите се одлично поставени. Управувачот одлично „лежи“ но вистинскиот шампион тука е менувачот, односно рачката од менувачот – „топката“ е едноставно фантастична.
Пред возачот се поставени јасните аналогни инструменти, додека на централната конзола вниманието го привлекува новиот мултимедијален уред кој овозможува лесно поврзување со мобилен телефон, но и Android Auto и Apple CarPlay функционалности. Под него се поставени контролите за клима уредот, а пред менувачот е и DNA селекторот, кој вистински ја трансформира Giulietta.
Повторно ќе спомнеме дека на задната клупа е како во скоро сите други автомобили од оваа класа – има простор за двајца, во „шкрипец“ и за тројца, но не би препорачале таква конфигурација на подолги релации. И навистина – тоа е тоа. Giulietta е одлично-подготвена да ја игра улогата на практичен и комфорен семеен хечбек. Забелешки на ентериерот? Имаме, секако – на Giulietta веќе „ѝ се познаваат годините“ во кабината – некои од материјалите се цврсти и веќе има нови трендови, и би сакале уште малку прилагодување на управувачот по височина и длабочина, но на Giulietta не ѝ недостасува ништо важно.
Вистинското изненадување е под хаубата…
Сепак, Giulietta е во вистинско светло кога ќе посакате да ги оставите здодевните „семејни обврски“ настрана и да уживате во возењето. Тогаш на DNA селекторот одбирате D и Giulietta се трансформира. Малиот 1.4-литарски турбо-бензинец цели високо, високо над својата класа и како да испорачува повеќе од декларираните 120 коњски сили и 215 Nm вртежен момент.
Подготвеноста со која Giulietta реагира на секое притискање на педалата за гас едноставно ги засенува конкурентите, а звукот кој излегува од задниот дел е изненадувачки забавен. Во време на анемични, дури и би рекле задушени мотори кои се сè поанонимни само за да се задоволат сè построгите еко-норми, ваквиот жив и вокален турбо-бензинец станува вистинска реткост. Браво Alfa Romeo! Belissima! Официјалните податоци говорат за забрзување до 100 километри на час за 9.4 секунди и максимални 195 километри на час – но во возење Giulietta како да е… Побрза!
Giulietta ги наградува талентираните возачи, а аматерите ги прави да изгледаат подобро. Giulietta е онаа вистинската кога DNA селекторот е во D – тогаш и управувањето е подинамично и Giulietta флуидно се движи од свиок во свиок, верно ги следи инструкциите и изнудува онакви добри, од-уво-до-уво насмевки. А бидејќи во предниот дел нема тежок турбодизел кој само ќе го влече носот, туку лесен бензинец, Giulietta се чувствува остра, прецизна и подготвена да го игра оној танц од еден свиок во друг.
А ако мислите дека сето тоа резултира со „пенали“ на бензинските пумпи – верувајте, ќе згрешите! Потрошувачката лесно може да порасне, секако – но бидете цивилизирани дами и господа, и индикаторот нема да надмине 8.5 литри на 100 изминати километри.
Но зошто Giulietta со 1.4-литарскиот турбо-бензинец е скриен скапоцен камен во понудата на Alfa Romeo?
И сега, ајде да го одговориме прашањето – зошто Giulietta со 1.4-литарскиот турбо-бензинец со скриениот скапоцен камен во понудата на Alfa Romeo? Затоа што оваа комбинација нуди интересна златна средина – перформансите се повеќе од адекватни и звукот е забавен, а од друга страна лесно ги исполнува секојдневните задачи на практичен хечбек. И уште кога ќе ја земеме цената предвид… Скапоцен камен, слушајте нè!
Спецификации
Модел: | Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 Super |
Мотор: | 1.4-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 120 коњски сили / 5000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 215 Nm / 2500 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
0-100 км/ч: | 9.4 секунди |
Максимална Брзина: | 195 километри на час |
Должина: | 4351 mm |
Ширина: | 1798 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1465 mm |
Тежина: | 1280 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2634 mm |
Багажен Простор: | 350 литри |
Потрошувачка: | 8.4 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 – 14.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Alfa Romeo Giulietta 1.4 TB 120 – 18.759 Евра НАПОМЕНА: Во моментот на објавувањето на овој тест, конкретното возило се нуди по специјална цена од 16.507 Евра. |
Повеќе Информации: | Alfaromeo.mk |