ТЕСТ: Mahindra KUV 100 NXT – Боливудски филм во Европа – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mahindra KUV 100 NXT – Боливудски филм во Европа

Малиот KUV 100 на индискиот производител Mahindra е вистински раритет – но што всушност може да понуди компактниот градски кросовер? Прочитајте го нашиот тест и дознајте.

Индија. Земја на зачинета храна, фантастична музика (ви текнува на Benny Lava?) и боливудската филмска индустрија. А да, и дом на Mahindra – гигант кој веќе 75 години работи ширум светот. Mahindra произведува многу работи – од земјоделски машини, до практични комерцијални возила и од неодамна – дури и електрични возила.

За некои возила не е лесно да се пишува. Лесно е да се осуди и да се каже дека некој автомобил „не го бива“ – но вистинскиот предизвик е во правилното позиционирање на самиот модел и негово анализирање во вистинскиот контекст. Дали тоа ќе биде во контекст на луксуз, во контекст на теренски способности, или пак во контекст на цената – е различно од еден автомобил до друг.

Тој „муабет“ нè носи до денешната тема на дискусија – Mahindra KUV 100. Mahindra не ни е непознат бренд – на нашиот пазар се нудат комерцијални возила од овој бренд веќе со години, а од неодамна индискиот бренд „фаќа залет“ ширум Европа и со цивилни модели каков што е токму малиот KUV 100. Пристапот на Mahindra е добро познат – да се понуди автомобил кој ќе исполни (па и надмине) некакви очекувања во својот сегмент, а истовремено да го исполни тоа по пристапна и привлечна цена.

Типично азиска форма со нагласено-кросоверски детали и пропорции.

Океј, да почнеме со дизајнот. KUV 100 не е најмодерно-дизајнираниот автомобил кој во моментов се нуди на пазарот. Сепак, двобојната комбинација и многуте детали го прават да изгледа несекојдневно. Формата е типична за некои азиски модели – тесна и висока каросерија (која нуди изненадувачки многу простор), но со нагласено кросоверски детали и пропорции. На предниот дел највеќе внимание добиваат големите предни светла, како и големите отвори за воздух во долниот дел од браникот. Профилот е интересно „прекршен“ и нема конвенционална карактерна линија, туку монотонијата е разбиена преку линии кои се кршат на одредени точки.

Рачките од задните врати се скриени во Ц-столбовите – а таквото решение секогаш ни се допаѓало. На задниот дел се истакнуваат големите светла и сè на сè – KUV 100 изгледа ненаметливо, но забележливо.

Има и детали кои не ни се допаѓаат баш – како на пример двобојните тркала кои изгледаат како да се барем една димензија премали, како и целата лепеза на значки околу автомобилот – на предните светла има mFalcon значка, на возачкото крило има G80, на задниот дел има KUV 100, NXT и К8 значки. Некои работи ги разбираме, некои работи не.

Конзервативна и практична кабина.

Одиме внатре! Ја отвораме вратата и нè пречекува прилично конзервативна, но практична кабина. Иако надворешните димензии не ветуваат многу, сепак во кабината има повеќе од доволно простор. Нема ништо толку модерно како дигитални инструменти – но сепак добиваме јасни и разбирливи аналогни инструменти, функционален мултимедијален уред и високо-поставена рачка од менувачот. Некои ја споредуваат со Renault 4, некои со Honda Civic EP3 – оставаме самите да одлучите. Ќе забележиме на можностите за прилагодување на управувачот – се нагодува само по височина, но не и по длабочина. Има и некои неконвенционални решенија – како на пример рачната сопирачка која е поставена веднаш под централната конзола.

Седиштата се прилично комфорни, а високата седечка позиција и големите стаклени површини гарантираат солидна прегледност. Нашиот тестен модел дојде и со паркинг сензори, кој дополнително го олеснува паркирањето, а растојанието од објектот позади автомобилот се покажува во сантиметри – несекојдневно, но навистина корисно. Сакате уште еден интересен детал? Звучниот сигнал за потсетување за ставање безбедносен појас е всушност вербална напомена на англиски јазик! За жал, нотификација за ставање безбедносен појас има само за возачкото седиште.

Она кое изненадува е всушност просторот кој се добива и на задната клупа. Иако компактните димензии не навестуваат дека во кабината има простор за четворица, сепак бевме пријатно изненадени. „Жртва“ на ова е багажниот простор – KUV 100 нуди само 243 литри, кои нараснуваат на 473 литри кога ќе се преклопат задните седишта. Багажникот не е голем, но е во рамките на она кое го нудат и другите автомобили со вакви димензии, а со оглед на тоа дека KUV 100 е наменет да биде градско возило, тоа и не е некоја преголема забелешка.

1.2-литарски атмосферец и можност за вградување плински уред.

Градскиот метеж е вистинскиот дом на KUV 100. Добро-одмерените степени на пренос гарантираат дека ќе се движи лесно по градските улици, а малиот, 1.2-литарски три-цилиндерски мотор кој испорачува 83 коњски сили при 5500 вртежи во минута и 115 Nm вртежен момент меѓу 3500 и 4800 вртежи во минута е сосем доволен за да го задвижи компактниот кросовер.

Индикаторот за потрошувачка на гориво прикажува информации во изминати километри со литар гориво, а нам ни покажа некаде околу 12 километри со литар бензин, односно околу 8 литри бензин на 100 изминати километри. KUV 100 можете да го добиете со вграден плински уред – па така возењето е уште поекономично. Ако веќе мораме да зборуваме и за перформансите – 100 километри на час се постигнуваат за 14.5 секунди, додека максималната брзина е 160 километри на час.

Суспензијата прилично успешно ги апсорбира нерамнините од улиците, без да пренесе премногу вибрации во кабината. Да се разбереме, кабината не е споредлива со германски луксузен седан, но за тоа што е – е изненадувачки тивко. На отворено станува бучно над 120 километри на час каде има бучавост и од ветрот, но и од моторот (и тука се забележува недостатокот на шеста брзина), но во суштина, KUV 100 е лесен за секојдневно експлоатирање. Управувањето е лесно, педалите се меки и менувачот е прецизел и лесен за користење – рецепт за автомобил кој успешно ќе маневрира по градскиот асфалт.

На нашите улици, KUV 100 е поредок од Bentley Continental GT.

И сега, конечно доаѓаме до заклучокот. Нема да кажеме доволно ако кажеме дека KUV 100 е несекојдневен автомобил. Всушност, на нашите улици е поредок од Bentley Continental GT, на пример. Но навистина нè изненадија реакциите на минувачите – на многумина им се допадна малиот индиски кросовер. Да, тој не е за секого – но за оние кои ќе бидат доволно храбри, KUV 100 ги следи сите трендови и нуди несекојдневна, дури би рекле и малку егзотична алтернатива. Баш како боливудските филмови. ;)

Спецификации

Модел: Mahindra KUV 100 NXT К8
Мотор: 1.2-литарски атмосферски бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 83 коњски сили / 5500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 115 Nm / 3500 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
0-100 км/ч: 14.5 секунди
Максимална Брзина: 160 километри на час
Должина: 3700 mm
Ширина: 1735 mm
Висина: 1655 mm
Тежина: 1085 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2385 mm
Багажен Простор: 243 – 473 литри
Потрошувачка: 8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Mahindra KUV 100 NXT K6 – 9.990 Евра (со вклучен попуст од 1000 Евра)
Цена на тестираниот модел: Mahindra KUV 100 NXT K8 – 12.990 Евра (со вклучен попуст од 1000 Евра)
Повеќе Информации: БД Интеркар

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.