Porsche и Tag Heuer веќе соработуваат на неколку полиња, но сега го прошируваат партнерството со лансирање часовници – а првиот часовник кој е резултат на таа соработка е новиот TAG Heuer Carrera Porsche Chronograph.
Новиот, 44-милиметарски часовник користи Calibre Heuer 02 механизам кој нуди резерва од 80 часа. Часовникот има текстуриран финиш кој според Porsche и TAG Heuer треба да асоцира на асфалтната подлога, а бројките за покажување на времето се истите како во инструментите на моделите на Porsche.
Часовникот има уште три индикатори поставени на три, шест и девет часот – тие дополнително прикажуваат минути, секунди и часови, а има и индикатор за датумот. Позадината е транспарентна која овозможува поглед кон механизмот на часовникот, а средината е налик на управувач на Porsche со три краци.
Новиот TAG Heuer Carrera Porsche Chronograph е веќе достапен со метално или кожно ремче.