Најмалиот модел во портфолиото на Range Rover и понатаму продолжува да нè импресионира – а сега со ефикасниот лајт-хибриден турбодизел, луксузниот компактен SUV е неуморно привлечен!
За прв пат седнавме зад управувачот на новиот Evoque пред нешто повеќе од една година. Во тие 15-тина месеци, компактниот SUV на Range Rover – кој неодамна беше избран за Најпосакуван Автомобил во Македонија – започнавме сè повеќе да го забележуваме по нашите улици и кога и да го здогледаме, ни изгледа привлечно.
Британците имаат поинаков пристап кон луксузот. Онаму каде германските (па и јапонските) брендови се наметнуваат со агресивен и уште-цртка-ваму-уште-цртка-таму дизајн, британските настапуваат со порезервиран, поцивилизиран дизајн. Нема непотребни дизајнерски детали, нема нападни елементи – едноставно, моделите на Range Rover (па дури би рекле, и сите други модели во сегашната гама на JLR) се самоуверени, горди и достоинствени.
Нема бегање од фактот дека Evoque е убав автомобил.
Моделот за кој денес ќе зборуваме е во Navrik Black црна боја, поставен на големи, 20-инчни тркала. Ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека во нашите очи, црната боја не е најдобриот избор за Evoque – нему повеќе му прилегаат посветли бои, каде поубаво се гледаат чистите линии на дизајнот.
Без разлика – нема бегање од фактот дека ова е убав автомобил. Ни се допаѓаат тенките предни светла, ни се допаѓаат и тенките, тродимензионални задни светла, ни се допаѓаат рачките кои се вовлекуваат во вратите кога ќе започнете да се движите… Всушност – навистина ни е тешко да најдеме детал кој не ни се допаѓа.
Рафинирана, беспрекорна и луксузна кабина
Слична е приказната и во ентериерот. Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува модерна, минималистичка и рафинирана кабина, каде многу внимание е посветено на дизајнот, на ергономијата, на материјалите и на завршната обработка.
Возачката позиција е идеална – иако е SUV, лесно се наоѓа ниска, подинамична возачка положба. Секако, за оние кои сакаат да седат малку повисоко, се добива и тоа. Прегледноста е задоволителна, но купеовската форма на Evoque наметнува одреден компромис кон погледот низ задниот дел – но затоа тука се камерата и сензорите за паркирање.
Сите површини кои можете да ги допрете се покриени со квалитетни и меки материјали, но и фино-текстурирани. Перфорираната кожа со која се обвиени седиштата делува особено рафинирано. Патем, седиштата се со загревање – прекрасно и бесценето парче опрема во ладните есенски и зимски денови.
Пред возачот се поставени дигитални – и супер-конфигурабилни – инструменти, додека на централната конзола се поставени два екрани – едниот за мултимедијалниот уред, другиот за клима-уредот, режимите на возење и слично. Сите контроли се логично распоредени и групирани – па контролите за клима уредот и загревањето на седиштата се на истата локација. Практично и лесно за користење, и без скоро никакво „лутање“ низ екрани. Ова е вистинскиот начин за дигитализација на ентериерот на еден автомобил.
Како што напоменавме кога за прв пат го возевме новиот Evoque – сега конечно и патниците на задната клупа имаат доволно простор. Благодарение на продолженото меѓуоскино растојание, сега и патниците „позади“ имаат доволно простор како за главите, така и за нозете. Немаме забелешки ниту на багажниот простор, кој е со капацитет од 591 литар, односно 1383 литри со преклопени задни седишта.
Комфорен во град, комфорен на автопат, подготвен за теренски предизвици
Зад управувачот, Evoque повторно ги истакнува своите нагласено-аристократски гени. Секојдневното живеење со Evoque е лесно – низ град е доволно компактен и маневрабилен, прегледноста е задоволителна, а рафинираноста доаѓа на прво место. Од друга страна, Evoque може да биде и сосем доволно агилен и спортски, но и компетентен во оној момент кога ќе заврши асфалтот.
Секако, тука главниот збор го има напредниот Terrain Response систем на Land Rover кој овозможува исклучителни теренски перформанси – сепак, не би бил Range Rover ако не е способен надвор од асфалтот.
Да, во ред – јасно ни е дека ретко кој сопственик на Evoque навистина ќе би побара неговите теренски лимити, но сепак убаво е да се знае дека Evoque нема да остане заглавен во првиот момент кога „ќе снема асфалт“. Дополнително, ќе напоменеме дека Evoque е еден од најтивките и најрафинираните модели во својата класа кога ќе излезете на автопат.
2-литарски MHEV турбодизел, автоматски менувач, погон на сите четири тркала
„Нашиот“ Evoque дојде со 2-литарски турбодизел со 150 коњски сили и 380 Nm вртежен момент, кој добива и Mild Hybrid технологии – а оттаму и MHEV ознаката во името. Без да навлегуваме во премногу технички детали, овој систем користи напреден стартер-генератор кој овозможува дополнителна моќност во оние моменти кога автомобилот би трошел највеќе гориво – при тргнување и забрзување.
Секако, таа моќност не е бесконечна, но го наоѓа своето место во секојдневното возење – а тоа пак резултира со градска потрошувачка која скоро и да не надминува 8 литри на 100 изминати километри. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку 9-брзински автоматски менувач кој без приговор „си ја брка работата“. Оваа конфигурација сосем задоволително го задвижува 1890 килограми тешкиот Evoque и овозможува забрзување до 100 километри на час за 11.2 секунди и максимални 196 километри на час.
Заклучок: Најмалиот Range Rover не е ништо помалку Range Rover од другите модели на Range Rover.
Кога за прв пат седнавме зад управувачот на Evoque, рековме дека иако е најмал во понудата на Range Rover, сепак во ниту еден сегмент (освен големината, нели) не заостанува зад своите поголеми браќа. Тој заклучок повторно самиот се наметна – Evoque e неуморно привлечен. Evoque е најмал Range Rover, но не е ништо помалку Range Rover од другите, поголеми модели на Range Rover. Гордо и заслужено ја носи значката!
Спецификации
Модел: | Range Rover Evoque D150 S AWD A9 MHEV |
Мотор: | 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 150 коњски сили / 4000 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 380 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 9 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 11.2 секунди |
Максимална Брзина: | 196 километри на час |
Должина: | 4371 mm |
Ширина: | 2100 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1649 mm |
Тежина: | 1890 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2681 mm |
Багажен Простор: | 591 – 1383 литри |
Потрошувачка: | 8 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Range Rover Evoque M6 eD4 – 46.500 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Range Rover Evoque D150 S AWD A9 MHEV – 64.976 Евра |
Повеќе Информации: | https://mk.landrover.com/ |