ТЕСТ: DR Automobiles DR6 1.5 Turbo LPG – Знаменосец на италијанско-кинескиот бренд. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: DR Automobiles DR6 1.5 Turbo LPG – Знаменосец на италијанско-кинескиот бренд.

Пристапот на DR Automobiles не е револуционерен, но се покажува како успешен – да се понуди многу опрема и задоволителна просторност, за не толку висока цена.

Еднаш веќе зборувавме за италијанскиот бренд DR Automobiles. Сè уште „нагалено“ го викаме Доктор Аутомобили, но како што веќе напоменавме – името на брендот доаѓа од името на основачот, Mssimo di Rissio.  Италијанскиот бренд се обидува да вметне малку препознатлив стил во моделите на кинескиот бренд Chery и понуди интересна алтернатива на европскиот пазар.

Дизајн наменет да им се допадне на поконзервативните европски купувачи.

Денес се дружиме со DR6 – најголемиот модел во понудата на DR Automobiles. A бидејќи е најголемиот, воедно е и знаменосец на брендот – па и треба да го третираме како таков. Како и секогаш ќе започнеме со дизајнот. DR6 е ненаметлив и достоинствен. Дизајнот е воздржан и чист – каков што и треба да биде кај еден конвенционален SUV. На предниот дел доминираат предните светла со вградени LED дневни светла, како и уникатната маска која ја додаваат стилистите од DR Automobiles. Профилот е типичен за еден SUV, а на задната страна се издвојуваат задните LED светла.

Околу целиот автомобил има хромирани декоративни елементи, како и заштитни панели, а ни се допаѓаат и практичните странични прагови за полесно влегување и излегување, како и привлечните, 18-инчни тркала од лесна легура. Сепак, ќе напоменеме дека DR6 има малку несекојдневна, превисока форма. Дизајнот е очигледно наменет да им се допадне на поконзервативните европски купувачи – и навистина, сметаме дека ќе успее во тоа.

Многу, многу простор во кабината.

Влегуваме внатре. Кабината на прв контакт делува богато – седиштата се обвиени во еко-кожа, а сите површини изгледаат како да им е посветено многу внимание. Седнуваме и прилично лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција, но ќе забележиме дека управувачот се нагодува само по висина, а не и по длабочина. Контролите се лесни и јасни за користење, а на централната конзола е поставен мултимедијалниот уред со дисплеј од 8 инчи. Самиот мултимедијален уред не е премногу функционален, но нуди едноставно поврзување со мобилен телефон.

Директно под него се поставени физичките контроли за клима уредот и ќе напоменеме дека ергономијата е на сосем задоволително ниво – скоро сите копчиња и контроли се онаму каде очекувате да бидат и блиску на дофат. Немаме забелешки ниту за просторноста и прегледноста – ова е автомобил во кој комфорно се патува – како на предните, така и на задните седишта, каде комфорно ќе се сместат двајца, па и тројца патници. Имаме мала забелешка за прегледноста кон задниот дел, но маневрирањето го олеснуваат големите странични ретровизори, а паркирањето е лесно благодарение на сензорите и камерата.

Финалната обработка во ентериерот не е воопшто лоша, но ќе напоменеме дека не е на нивото на директните европски, јапонски и корејски конкуренти. Материјалите кои се користени се воглавно во ред – да, има цврсти пластики, но во овој сегмент не ни очекуваме егзотични материјали и текстури.

1.5-литарски турбо-бензинец со 150 коњски сили кој може се добие со фабрички плински или метански систем.

Нашиот тестен модел беше опремен со единствениот мотор со кој DR6 всушност се нуди – 1.5-литарски турбобензинец со 150 коњски сили и ситно над 200 Nm вртежен момент, во комбинација со 5-степен мануелен менувач. Во ред, ќе признаеме дека 5-степениот мануелен менувач е малку разочарувачки, особено на отворен пат каде јасно и гласно кажува дека му недостасува уште една брзина. Максималната брзина е скоро 190 километри на час, додека 100 километри на час пристигнуваат за рамно 10 секунди. Сепак, имаме и пофалба за менувачот – навистина е прецизен и лесен за користење. Силата се пренесува исклучиво кон предните тркала, па јасно е дека DR6 не е сериозен теренец, но сосем лесно ќе се справи со оние вообичаените „теренски“ предизвици на урбаното возење.

Во возење, DR6 се однесува неутрално недраматично – сè додека не очекувате никакви спортски карактеристики. DR6 едноставно не е спортски автомобил, и не ни треба да биде. DR6 е на свој терен кога е комфорен и просторен крстосувач. Она кое треба да го напоменеме е дека сопирачките се недоволно осетливи, па има одредена крива на учење додека се навикнете дека треба малку посилно да ја притиснете педалата.

Вреди да се напомене дека DR6 може да се добие со неколку погонски алтернативи – можете да го добиете со бензински погон, или пак со комбиниран погон на бензин со LPG или метан – а тоа го прави навистина интересен избор. Нашиот тестен автомобил дојде со фабрички-вграден плински уред од познатиот производител BRC. За време на неколкудневното дружење измеривме просечна потрошувачка од околу 12 литри плин на 100 изминати километри.

Формулата е јасна – многу опрема по прифатлива цена.

Како што веќе напоменавме, DR6 ја следи добро-познатата формула за привлекување купувачи – многу опрема по поприфатлива цена. Па ќе напоменеме дека и нашиот тестен автомобил дојде со многу играчки – од големите, 18-инчни тркала, преку сончевиот кров, па сè до паркинг-сензорите и камерата, мултимедијалниот уред со Bluetooth поврзување, менувачот, управувачот и седиштата обвиени во кожа, електрично нагодување на возачкото седиште, двозонски клима-уред и уште многу, многу повеќе.

Ќе ги добиете и очекуваните системи за активна и пасивна безбедност, како што се грст воздушни перничиња, систем за контрола на стабилноста, систем за контрола на тракцијата, систем против блокирање на сопирачките и слично. За жал, нема да добиете некои од помодерните системи кои сме навикнати да ги добиваме кај европските брендови – како што е систем за следење на коловозната лента, на пример.

Заклучок: Пазарот не ги прифаќа лесно ваквите автомбили, но нивната продажба секојдневно расте – па има тука нешто…

Но сепак, на крајот на денот заклучокот кој самиот се наметнува е дека DR Automobiles DR6 е прилично комплетен пакет. Дизајнот е конзервативен и ненаметлив, погонот се покажа како сосем доволно моќен и со опцијата за фабрички плински или метански уред е навистина економмичен, а на опремата ќе позавидат многу поскапи автомобили. Дали пазарот со раширени раце ќе го прифати DR6? Секако дека не, сите ние имаме предрасуди кои треба да ги надминеме – но за оние кои се подготвени да го направат тоа, DR6 заслужува да биде разгледан.

Спецификации

Модел: DR Automobiles DR6 1.5 Turbo LPG
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 205 Nm / 4000 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 5 брзини
0-100 км/ч: 10 секунди
Максимална Брзина: 187 километри на час
Должина: 4506 mm
Ширина: 1841 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1740 mm
Тежина: 1498 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2610 mm
Багажен Простор: 370 – 1000 литри
Потрошувачка: 11.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: DR Automobiles DR6 1.5 Turbo – 20.000 Евра
Цена на тестираниот модел: DR Automobiles DR6 1.5 Turbo LPG – 21.000 Евра
Повеќе Информации: cilaz.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.