Според Aznom, Palladium е „хипер-лимузина која може да помине преку секаков терен“ – највеќе благодарение на платформата позајмена од Dodge Ram.
Дизајнот на Palladium нема никого да го остави рамнодушен, но не сме сигурни дека тоа ќе го направи од позитивни причини. „Камионските“ гени кои доаѓаат од Dodge Ram 1500 се неизбежни, и иако Palladium изгледа уникатно, истовремено изгледа и некако „евтино“.
А тоа е нешто кое не би смеел да си го дозволи, со оглед на тоа дека најверојатно чини повеќе од 250.000 Евра…
Предниот дел изгледа како да е позајмен од нешто луксузни и британско, додека профилот е типичен за пик-ап. Забележуваме и исфрлени крила, големи тркала, како и малку чуден заден дел, кој го крие просторниот ентериер. Забележуваме и хромирани детали, како и мал прозорец во Ц-столбот кој дизајнерите од Aznom го нарекуваат „horizon window“ и кој има за задача да им овозможи на патниците да погледнат надвор, без да им биде нарушена приватноста.
Задолжен за придвижување на Palladium е 5.7-литарски V8 кој соработува со два компресори за да испорачува вкупно 710 коњски сили и 950 Nm вртежен момент. Секако, преносот е автоматски и кон сите четири тркала, а сето тоа овозможува забрзување до 100 километри на час за 4.5 секунди и максимална брзина од 210 километри на час.
Во кабината гледаме многу, многу кожа, дрво и декоративни елементи. Во кабината има амбиентално осветлување, фрижидер и мал милион места за одлагање ситници. Патниците на задната клупа добиваат седишта кои наликуваат на двосед. Секако, овој „двосед“ е обвиен во кожа и има дрвени декоративни елементи, а околу овој „двосед“ има и специјални места во кои е поставен скап алкохол. Меѓу другото, кабината добива и премиум аудио уред од Harman Kardon, Microsoft таблети, рачно-изработен часовник и уште многу, многу повеќе.
Сега за сега нема официјални информации колку ќе чини Palladium, но од Aznom кажуваат дека очекуваат повеќето купувачи да се од Кина, Русија, Средниот Исток и САД.