По многуте најави и информации – еве го новиот знаменосец на Mercedes-Benz!
Дизајнот е современ и зрачи со луксуз, а истовремено е супер-аеродинамичен – новиот S-Class има коефициент на отпор на воздухот од само 0.22 Cd! Автомобилот издолжен, предните светла се широки и остри, а задните светла (за прв пат по три генерации) се хоризонтални и ја нагласуваат широчината на новиот автомобил. Има и интересни детали – како на пример рачките на вратите кои се целосно „измазнети“, а многу внимание е посветено на аеродинамиката и рафинираноста. Можете да нарачате тркала во димензии до 21 инчи, а секако понатаму ќе пристигнат и монструозните AMG-изведби.
Но сепак, вистинската магија во S-Class секогаш била во кабината. Главниот збор го има новиот, 12.8-инчен екран чувствителен на допир на централната конзола, а сличен дисплеј добива и возачот. Инженерите на Mercedes-Benz се горди дека новиот автомобил има 21 прекинувач помалку во однос на минатиот модел – тие функционалности сега се контролираат преку мултимедијалниот уред, или пак преку гласовни контроли.
S-Class добива и целосно-нова генерација на управувач со напредни сензори и контроли, како и најновата генерација на MBUX системот за интеракција. MBUX системот реагира на командата „Hey Mercedes“ и сега функционира уште поинтуитивно, а секое седиште добива засебен пристап до асистентот, кој сега разбира дури 27 јазици.
Секако, ќе добиете и супер-комфорни седишта во неколку различни конфигурации, врвни материјали и беспрекорна завршна обработка. Благодарение на зголеменото меѓуоскино растојание, кабината на S-Class сега е уште покомфорна – со повеќе простор за главите и нозете на патниците. Патниците ќе уживаат во сите овие благодети, како и во Burmester аудио уред со 4D Surround и 30 звучници, врвно амбиентално осветлување, седишта со масажа, ладење и греење и многу, многу повеќе.
Новата S-Class ќе може да се добие во стандардна, но и во продолжена верзија која нуди уште повеќе простор. „Краткиот“ автомобил е долг 5179 милиметри, додека подолгиот е со должина од 5289 милиметри. На самиот почеток ќе бидат достапни четири мотори – S350 4Matic со 367 коњски сили и S500 4Matic со 435 коњски сили, како и дизелските S300d со 286 коњски сили и S400d со 330 коњски сили. Сите верзии добиваат автоматски менувач и погон на сите четири тркала, освен послабиот дизел кој е со погон на задните тркала.
Новиот знаменосец на Mercedes-Benz се очекува да пристигне во салоните на почетокот на следната година.