Ако Неверојатниот Хулк од Avengers серијалот имаше „службено“ возило, тоа ќе беше ABT RS Q8-R!
Сметате дека веќе-неверојатните 600 коњски сили на Audi RS Q8 не се доволни? Сакате повеќе? Нема проблем! Сè што треба да направите е да се јавите во следните 10 минути на инженерите од ABT и тие ќе подготват нешто специјално, само за вас.
Тоа специјалното е надградба на моќниот RS Q8 на ABT RS Q8-R, а тоа значи 740 коњски сили и 920 Nm вртежен момент – цели 140 коњски сили и 120 Nm вртежен момент повеќе! А да, и инженерите од ABT ќе ја отстранат и блокадата на максималната брзина, па моќниот мега-SUV може да постигне импресивни 315 километри на час!
Секако, ќе добиете и екстремен аеро-кит кој ја подобрува аеродинамиката, зајакнати сопирачки кои се кријат позади огромни, 23-инчни тркала обвиени во спортски пневматици, агресивен издувен систем, преработен ентериер со детали од карбон и уште многу, многу повеќе.
Моќниот ABT Audi RS Q8-R е всушност своевиден славенички модел – со него, ABT слави 125 години постоење. Пакетот не е евтин – целиот зафат чини нешто над 68.000 Евра, плус цената на Audi RS Q8. Но сепак побрзајте, количините се ограничени – ABT ќе произведе само 125 примероци од „службената кола“ на Неверојатниот Хулк!