Toyota одлучи да ја направи седанската верзија на Corolla попривлечна за младите купувачи со новата GR Sport изведба.
Измените се главно визуелни, но сепак се доволни да ја направат седан-верзијата на новата Corolla (нашиот тест токму на овој модел можете да го погледнете тука) поинтересна и попривлечна за помладите купувачи.
Toyota Corolla GR SPORT добива неколку додатоци – хромираните детали околу целиот автомобил се заменети со сјајно-црни, а црни се и страничните ретровизори, столбовите на вратите и страничните прагови. Предниот браник добива црни додатоци, а купувачите ќе можат да добијат 17 или 18-инчни тркала со специјални GR ознаки и детали. Надворешниот пакет се заокружува со дискретен спојлер, црн декоративен елемент над регистерската табличка, како и GR Sport значки. Сè на сè, со овие измени најконзервативната изведба на новата Corolla станува навистина поинтересна.
Кај Corolla GR Sport дебитира и нова боја која сe вика Dynamic Grey и е носечката боја за овој модел. Секако, достапни се и други бои – вкупно осум, а седум од нив може да се комбинираат со црн кров за да се добие двобојна комбинација.
Кабината добива црн тапацир на кровот, управувач обвиен во перфорирана кожа, како и детали изработени од брусен алуминиум. Купувачите ќе добијат и спортски предни седишта со контрастни шевови во боите на Тoyota Gazoo Racing.
Toyota најави дека Corolla GR Sport ќе може да се добие со 1.8-литарскиот хибрид или 1.6-литарскиот бензинец. Производството ќе започне од Ноември, а првите испораки ќе започнат на почетокот на следната година.