ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави освежениот Tiguan, претставен и Tiguan R! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Volkswagen го претстави освежениот Tiguan, претставен и Tiguan R!

Супер-успешниот Tiguan добива освежување – и покрај затегнатиот лик, добива и нови мотори, нови технологии и нова, моќна R-верзија со 320 коњски сили!

Ајде прво да зборуваме за визуелните измени – освежениот Tiguan добива редизајниран преден дел со нова предна маска и нови светла кои наликуваат на оние кај новиот Golf 8. Понатаму, забележуваме редизајнирани браници на предниот и задниот дел, како и нови задни светла. Исто како и Golf 8, и Tiguan добива нова, централно-поставена моделска ознака.

Измените продолжуваат во кабината, каде препознаваме некои нови материјали, нов управувач, нови контроли за клима-уредот и редизајнирана рачка за авоматскиот менувач. Освежениот Tiguan добива и нов инфозабавен уред со гласовни контроли и безжичен App Connect, а тука е и опцијата за целосно-дигитални инструменти пред возачот. Освежувањето во кабината го заокружуваме со нов систем за амбиентално осветлување, како можноста за Fender премиум аудио систем.

Tiguan го добива и напредниот Travel Assist систем за автономно управување при брзини од 0 до 210 километри на час, како и напредниот адаптивен темпоат кој според Volkswagen ги зема предвид локалните ограничувања на брзините и соодветните услови на патот за да ја регулира брзината.

Со оглед на стратегијата за електрификација на својата гама, воопшто не нè изненадува одлуката на Volkswagen да го понуди Tiguan во плаг-ин хибридна изведба. Плаг-ин хибридниот Tiguan eHybrid доаѓа со хибриден погон со вкупна, системска моќност од 245 коњски сили.

Интересен новитет е и целосно-новиот Tiguan R. Најновиот продукт на R-дивизијата на Volkswagen крие 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 320 коњски сили. Силата се пренесува кон сите четири тркала преку DSG автоматски менувач со двојна спојка. Tiguan R може да добие и многу спортски додатоци – како на пример издувен систем од експертите од Akrapovic.

Воопшто не е изненадувачка стратегијата на Volkswagen значително да ја прошири гамата на Tiguan – со оглед на тоа дека со повеќе од 900.000 испорачани примероци минатата година, Tiguan беше најпродаван модел на Volkswagen. Токму затоа Volkswagen одлучи освежувањето на Tiguan да биде прилично екстензивно. Продажбата на освежениот Tiguan на европскиот пазар ќе започне наскоро.

Поврзано:  Пристигна новиот Volkswagen Passat!

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.