Alfa Romeo денес слави јубилеј со кој многу малку производители можат да се пофалат – денес го слави својот 110-ти роденден и повторно ќе ги отвори вратите на историскиот музеј во Arese.
Не само што ќе ги отвори вратите на музејот, туку Alfa Romeo ги кани и Алфистите ширум светот да го посетат музејот и да ја видат и приватната колекција која порано не беше достапна – па сега се достапни уште 150 автомобили, плус трофеи, уметнички дела…
Дополнително, Alfa Romeo ќе отвори посебен дел наречен „Alfa Romeo in Uniform“ наменет за автомобилите кои им биле достапни на италијанските Carabineri – и со ова ќе ја истакнат легендарната врска меѓу полициските сили на италија и Alfa Romeo. Од брендот кажуваат дека овој оддел оддава почит на автомобилите, боите и годините кои ја имаат означено историјата на Италија.
Свое официјално, јавно деби во Arese и ќе има и новата Giulia GTA, која е развиена специјално за 110-годишнината на брендот. Новата Giulia GTA е инспирирана од Giulia GTA од 1965-тата година, која пак е развиена од Autodelta врз основа на Giulia Sprint GT.
Секако, тука е и „дигиталната прослава“ – па Alfa Romeo нуди и виртуелна тура на музејот низ неколку различни видеа кои се направени да прослави овој значителен момент. Серијата видеа вклучува вовед во музејот, Timeline видеото кое го опишува индустрискиот континуитет на брендот, Beauty делот кој е задолжен за дизајнот, стилот и животниот стил, Speed делот кој посветува внимание на технологиите, натпреварувачкиот дух и уживањето во возењето, како и Storage делот кој нуди поглед во досега недостапните делови на музејот. Конечно, Archive делот нуди пристап до фотографии, видеа, технички цртежи и развојни документи.
Не смееме да заборавиме ниту на F1 историјата на Alfa Romeo – бидејќи токму Alfa Romeo победи на инаугуративната трка на Formula 1 Grand Prix во 1950, со Nino Farina зад воланот на Alfa Romeo Gran Premio Tipo 158, а истиот подвиг го постигна и Juan Manuel Fangio во 1951 во Alfetta 159.
Alfa Romeo има богата, шарена и моќна историја. Среќен роденден, Alfa Romeo!