Фановите на американските мускулести автомобили добро ја познаваат ознаката Mach 1 – Mustang Mach 1 беше претставен во 1969-тата година, а последен пат ја видовме истата ознака на Mustang пред повеќе од 15 години!
Новиот Mustang Mach 1 добива 5-литарски, атмосферски V8 бензинец навиен да испорачува 480 коњски сили и 570 Nm вртежен момент. Дополнително, Mustang Mach 1 добива и некои компоненти од моќниот Shelby GT350R задолжени за полесно „дишење“ и подобро ладење. Добива и целосно-нов, 6-брзински рачен менувач од Tremec (со истите блиски односи на брзините како кај GT350R), а за оние не сакаат самите да менуваат брзини, тука е 10-брзинскиот автоматски менувач на Ford.
Mustang Mach 1 добива и уникатен заден дел со браник кој е специјално дизајниран за да овозможи подобар проток на воздух. Познавачите на оригиналниот Mach 1 ќе ги препознаат и кружните отвори во предната маска – во оригиналниот Mustang Mach1 таму беа поставени дополнителни светла, а во новиот тоа се отвори наменети за уште подобро дишење на големиот и моќен V8.
Задниот дел добива издолжен и низок заден спојлер, како и голем заден дифузен со четири завршетоци на издувниот систем кои се огромни – имаат дијаметар од 4.5 инчи, односно скоро 11.5 сантиметри!
Mustang Mach 1 добива и Brembo сопирачки, ретро-инспирирани тркала, ретро-детали во кабината, како и уште мал милион други детали. Достапни ќе бидат 10 различни бои на екстериерот, првите примероци ќе бидат испорачани кон купувачите на почетокот на следната година а од Ford кажуваат дека новиот Mustang Mach 1 ќе биде произведен во „ограничени бројки.“