ТЕСТ: Nissan Juke 1.0 DIG-T DCT N-Connecta – Кросовер за оние кои сакаат да бидат видени! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Nissan Juke 1.0 DIG-T DCT N-Connecta – Кросовер за оние кои сакаат да бидат видени!

Со првиот Juke, Nissan успеа да докаже дека на пазарот има место за храбри автомобили кои не припаѓаат во ниту една категорија. Дали ќе го повтори тој успех и со новата, втора генерација?

Nissan Juke не е за секого. Никогаш не ни бил. Напротив – неговата контроверзност го прави да биде за оние кои се похрабри, или во најмала рака не им пречи да бидат забележливи. Можеби самите тие и не се толку забележливи, но Juke сигурно е. Да, да, во ред, ги знаеме сите „шали“ на сметка на името на Juke – но сепак, не можеме да го негираме фактот дека Juke успеа да се наметне како алтернативен, интересен, несекојдневен, храбар избор. А со него, Nissan успеа да докаже дека на пазарот има простор за вакви автомобили.

А сето тоа значи дека втората генерација треба да пополни прилично големи чевли. Отпечатокот кој првата генерација го остави е значителен, па втората едноставно не смее да потфрли. Имајќи го сето тоа предвид, ајде да започнеме…

Дизајн – Без никаков напор, Juke се издвојува од сите други автомобили.

Првата генерација на Juke изнуди разни реакции – од крајно позитивно до екстремно негативни. Ние ќе признаеме дека првата генерација не ни се допаѓаше премногу. Но затоа новиот автомобил ни изгледа одлично. Да, веднаш е препознатливо дека e Juke, особено со комбинацијата од кружни и тенки хоризонтални светла на предниот дел. Светлосниот потпис е дел од V-Motion филозофијата на Nissan и светлата се интегрирани во маската на ладилникот. Сето тоа изгледа несекојневно и екстремно кул.

Конвенционалната кросоверска форма скоро и да не постои – заменета е со купеовска каросерија која е дополнително истакната преку скриените задни рачки, „искршените“ карактерни линии и лебдечкиот, опаѓачки кров.

Задниот дел го оформуваат „напрчен“ централен дел, длабоко-тродимензионални светлосни групи и остар спојлер. Сè на сè – Juke ни изгледа авангардно и привлечно. Ние би додале број-два поголеми тркала (иако ни 17-инчните на тестниот модел не се мали) за целосно да ја комплетираме сликата за модерен, компактен купе-кросовер. Секако, Juke може да биде и персонализиран – достапни се неколку различни големини и дизајни на тркала, како и можност за еднобојна каросерија, или пак двобојна комбинација.

Ентериер – Модерна и комфорна кабина со милион интересни ситници.

Ја отвораме возачката врата и нè пречекува темелно модернизирана кабина, која успева и во внатрешноста да ја пренесе драмата на надворешноста. Управувач е конвенционален – во ред – но затоа деталите околу него се навистина интересни. На пример, многу кул изгледаат кружните отвори на вентилација – три во централната конзола и по еден на крај. Друг интересен детал е осветлениот прстен околу менувачот – можеби е ситна работа, но изгледа интересно и несекојдневно. Не ви се допаѓа „монохроматската“ изведба на нашиот тестен модел? Нарачајте еден од неколкуте пакети за персонализација на ентериерот достапни во неколку различни бои.

Поврзано:  Официјално отворен новиот продажен центар на Dacia и Nissan

Инаку, инструментите се јасни и прегледни, а сите контроли се лесни и разбирливи за користење. На самиот врв на централната конзола е поставен новиот мултимедијален уред (кој нуди разно-разни можности за поврзување), додека под него се контролите за клима уредот. Пред возачот е комбинација од аналогни инструменти и голем дигитален дисплеј.

За возачот и совозачот има повеќе од доволно простор, а има и доволно место за одлагање ситници – меѓу возачот и совозачот има прилично голема касета, како и две места за вашите пијалоци, а отворите во вратите се доволно големи да изгубите ситници во нив.

Управувачот се нагодува по височина и длабочина, возачката позиција е одлична и прегледноста е генерално добра. Купеовската форма значи дека прегледноста кон задниот дел е малку ограничена, но затоа тука се сензорите и камерата кои помагаат да се надмине овој проблем.

На задната клупа комфорно ќе седат двајца патници и ќе имаат доволно простор како за колената, така и за главите. За тројца не е идеално, но сепак – колку често возите тројца на задните седишта? Немаме замерки ниту на багажниот простор – Juke нуди 422 литри капацитет на багажникот, односно нешто над 1300 литри кога ќе ги спуштите задните седишта.

Каков е Juke зад управувачот?

Веднаш ќе кажеме дека Juke е екстремно лесен за возење. Нашиот тестен модел дојде опремен со 1-литарски три-цилиндерски турбо-бензинец кој испорачува 117 коњски сили при 5250 вртежи во минута и 200 Nm вртежен момент од сам 1750 вртежи во минута, а силата ја пренесуваше кон предните тркала преку нов, 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка (за среќа, CVT менувачот од првата генерација отиде „во пензија“). Што значи тоа за перформансите? Не се воопшто лоши – 100 километри на час пристигнуваат за 11.1 секунда, додека максималната брзина е рамно 180 километри на час. Менувачот одлично „си ја брка“ работата и менувањето на брзините во скоро сите ситуации е незабележливо. Немаме замерка ниту на потрошувачката – за време на тестирањето измеривме потрошувачка од нешто под 8 литри на 100 изминати километри во градски услови.

Поврзано:  Официјално отворен новиот продажен центар на Dacia и Nissan

А надвор од градот? Juke нема проблеми ни кога ќе го замениме урбаниот асфалт со автопат. При брзина од 120 километри на час, моторот работи со нешто над 2500 вртежи во минута, а потрошувачката паѓа на околу 6 литри на 100 километри. При (навистина) повисоки брзини, забележавме малку зголемена бучавост од страничните ретровизори, но инаку – Juke е комфорен и тивок на отворен пат.

Управувањето е изненадувачки директно и прецизно, и се забележува дека Juke е ориентиран кон урбана динамичност. Суспензијата успешно ги впива нерамнините од улиците (а сигурни сме дека тука играат улога и 17-инчните тркала со „месести“ пневматици“ без притоа да има нагласено навалување во свиоци. Одберете поголеми тркала и ќе добиете и подинамично возење, но тогаш комфорот најверојатно малку би страдал.

Заклучок: Juke е повторно Juke, само сега е подобар во секој поглед.

Немојте ниту за момент да помислите дека бидејќи Juke е созреан, тој е и здодевен. Ниту за момент. Juke е и понатаму ексцентричен, несекојдневен и им оди „во фаца“ на сите. Едноставно, не можете да не го забележите. А сега е веќе доволно голем, доволно комфорен и доволно практичен за да може да биде навистина корисен. Да треба ние да одбереме, би го одбрале ист ваков – само во црвена боја со црн кров и со поголеми тркала. Навистина ни се допадна комбинацијата од турбо-бензинец и добар автоматски менувач – го прави Juke екстремно лесен за секојдневно користење, а притоа ниту еден момент нема да биде здодевен.

Со Juke, Nissan повторно нуди автомобил кој не е за секого – а таквата храброст станува ретка. Токму затоа, екстровертноста на Juke е добра работа.

Спецификации

Модел: Nissan Juke 1.0 DIG-T 117 DCT N-Connecta
Мотор: 1-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 117 коњски сили / 5250 вртежи во минута
Вртежен Момент: 200 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 11.1 секунди
Максимална Брзина: 180 километри на час
Должина: 4210 mm
Ширина: 1983 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1595 mm
Тежина: 1182 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2636 mm
Багажен Простор: 422 – 1305 литри
Потрошувачка: 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Nissan Juke 1.0 DIG-T 117 Visia – 18.900 Евра
Цена на тестираниот модел: Nissan Juke 1.0 DIG-T 117 DCT N-Connecta – 25.440 Евра
Повеќе Информации: Nissan.mk
Поврзано:  Пристигна освежениот Nissan Qashqai

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.