ТЕСТ: Hyundai Elantra 1.6 MPI Style – Привлечноста на докажаниот квалитет. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Hyundai Elantra 1.6 MPI Style – Привлечноста на докажаниот квалитет.

Hyundai подготви темелно освежување за Elantra – а тоа беше повеќе од доволна причина да поминеме малку време со фејслифтираниот корејски седан.

Тековната генерација на Elantra е на пазарот од 2016, но Hyundai минатата година подготви прилично темелно освежување на еден од своите најпопуларни модели. Затегнувањата се како козметички, така и механички – па сосем разбирлива е одлуката на корејскиот бренд да ја најавува како целосно нова. Во ред, тоа можеби и е малку амбициозно, но сепак – разлики има.

Да започнеме со визуелните измени…

Секако, Elantra секогаш била малку конзервативна – па Hyundai одлучи на некој начин да ја „радикализира.“ Освежениот лик – особено на предниот дел – нема да биде по сечиј вкус, но ние ќе кажеме дека изгледа забележително и препознатливо. Предниот дел е целосно редизајниран – па добиваме нов преден браник, нови и агресивни предни светла во триагиолна форма, како и редизајнирани отвори за воздух.

Профилот не е премногу изменет и формата и понатаму малку купеовска, додека позначителни измени гледаме на задниот дел – светлата се редизајнирани, регистерската табличка е спуштена од поклопецот на багажникот долу на браникот, а самиот браник добива декоративен „дифузер“ кој е во боја на каросеријата. Да, во ред – формата не е премногу возбудлива, но затоа е супер-функционална.

Просторна и функционална кабина.

Веднаш треба да напоменеме дека Elantra нуди навистина многу простор – како на предните седишта, така и на задната клупа. Всушност, дарежливото меѓуоскино растојание од 2700 милиметри гарантира дека во кабината ќе има повеќе од доволно простор.

Пред возачот се поставени јасните и прегледни инструменти, додека на централната конзола забележуваме редизајнирани контроли за клима-уредот и нов мултимедијален уред. Добиваме и редизајниран управувач, на кој се поставени команди за аудио-уредот и темпоматот. Управувачот се нагодува по височина и длабочина, па лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Седиштата се ориентирани кон комфорот – па иако можеби не нудат премногу странична поддршка, сепак се одлично место за минување подолги дистанци.

Истото важи и за задната клупа. Нè радува поставеноста на делот за наслонување на грбот – не се седи премногу исправено, а има и централен наслон за рацете.

Поврзано:  ПРВО ВОЗЕЊЕ: Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy - Нова димензија.

Конечно, сликата за просторната понуда ја заокружуваме со дарежливиот багажен простор – багажникот е со капацитет од 458 литри. Да, багажникот е малку компромитиран поради носачите кои при затворање навлегуваат во просторот – но тоа е компромис кој го прават сите вакви автомобили.

Комфорот го има главниот збор

Инаку, Elantra е јасно-и-гласно ориентирана кон комфорот. Едноставно, нема потреба ниту да се бараат, ниту да се очекуваат спортски карактеристики. Суспензијата е прилагодена да може идеално да ги впие нерамнините од улиците – и тоа гордо го прави. Elantra е автомобил во кој лесно ќе се поминат многу, многу километри, без разлика на потребите. Едноставно – опуштете се, сместете се во комфорното седиште и уживајте во крстарењето. Низ град маневрирањето – и покрај замашните димензии – не е проблем, највеќе благодарение на паркинг-камерата.

Докажан и економичен бензинец

Кога сме веќе кај крстарењето – да му посветиме малку внимание и на 1.6-литарскиот атмосферски бензинец. Моторот нуди 127 коњски сили при 6300 вртежи во минута и 155 Nm вртежен момент при 4850 вртежи во минута. Перформансите се повеќе од адекватни – 100 километри на час пристигнуваат за рамно 10 секунди, додека максималната брзина е 200 километри на час.

При внимателно возење, потрошувачката на бензин е околу 8 литри на 100 изминати километри во градски услови, додека на отворено е очекувано пониска (особено ако се придржувате до ограничувањата). Атмосферецот прилично подготвено реагира на секое притискање на педалата за гас – но за претекнување на автопат бидете подготвени да спуштите степен-два подолу.

Сета опрема која навистина ни треба…

Пред да заокружиме – да зборуваме малку и за опремата. Style нивото на опрема значи дека Elantra доаѓа со мултимедијален уред со Android Auto и Apple CarPlay, задна паркинг камера и паркинг сензори, алуминиумски фелни, мануелен клима уред, централен наслон меѓу предните седишта, управувач, рачка од менувач и рачна сопирачка обивени во кожа, централна брава, темпомат… Секако, тука се и неизбежните системи за безбедност, како и системот за следење на притисок во пневматиците. Единствената работа која е „со доплата“ е металик бојата, која чини дополнителни 400 Евра.

Поврзано:  Денови на електромобилност во East Gate Mall

Заклучок – Elantra е за оние кои сакаат „да не му ја мислат“

Да, Elantra можеби изгледа малку неконвенционално – но во суштина е практичен и докажан автомобил кој продолжува да наоѓа свои фанови и купувачи. Достапната цена, богатата опрема и докажаниот корејски квалитет – и секако, 7-годишната гаранција без ограничување на километрите – се одлични аргументи за оние кои сакаат да купат автомобил и „да не му ја мислат“ следните неколку години. А Elantra го нуди токму тоа.

Спецификации

Модел: Hyundai Elantra 1.6 127 Style
Мотор: 1.6-литарски атмосферски бензинец
Моќност: 127 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 155 Nm / 4850 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10 секунди
Максимална Брзина: 200 километри на час
Должина: 4620 mm
Ширина: 1800 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1294 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2700 mm
Багажен Простор: 458 литри
Потрошувачка: 8.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Hyundai Elantra 1.6 MPi Comfort – 15.200 Евра
Цена на тестираниот модел: Hyundai Elantra 1.6 MPi Style – 16.200 Евра
Повеќе Информации: Hyundai MK

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.