Tesla го произведе милионитиот примерок од нивните автомобили, со што стана најголем производител на електрични возила во светот.
Достигнувањето беше прославено вчера во седиштето на компанијата во Пало Алто, Калифорнија, а Илон Маск му се заблагодари на целиот тим за нивната посветеност, со објавување на слика од вработените заедно со милионитиот примерок – црвен Tesla Model Y.
Tesla значително го зголеми производството со отварањето на втората фабрика во Шангај, Кина на крајот од минатата година, a производителот планира да произведе повеќе од 150,000 електрични возила во фабриката оваа година. Заедно со годишниот капацитет од 500,000 примероци на фабриката во Фримонт, тоа е вкупна бројка од 650,000 примероци годишно. Тоа значи дека можеме за скоро време да очекуваме и ново значајно достигнување.
За само неколку години Илон Маск успеа да го смести брендот Tesla во друштвото со големите производители, и да ја забрза миграцијата од возила со внатрешно согорување на електрични автомобили. Гамата на Tesla сега ги содржи возилата: Model S, Model 3, Model X и Model Y, а наскоро се очекува проширување со целосно новиот Roadster, контроверзниот Cybertruck и камионот Semi.