Германскиот бренд ја претстави хибридната plug-in конфигурација која ќе се вградува во моделите CLA, CLA Shooting Brake и GLA.
Најновата трета генерација на оваа хибридна погонска единица е составена од 1.3-литарски турбо-бензински агрегат со четири цилиндри, електричен мотор со сила од 102 кс и пакет од литиум-јонски батерии од 15.6 киловат-часа. Оваа конфигурација дава комбинирана испорака на сила од 218 кс и вртежен момент од 450 Nm .
Перформансите варираат според моделот, така што CLA 250e е способна да забрза од 0-100 км/ч за 6.8 секунди кон максималната брзина од 240 км/ч. Овој модел исто така има чисто електричен опсег од помеѓу 60-69 километри според WLTP циклусот.
Plug-in хибридниот CLA Shooting Brake е малку побавен, и тој забрзува од место до 100 км/ч за 6.9 секунди, додека неговата максимална брзина изнесува 235 км/ч. Чисто електричниот опсег е исто така намален на 58-68 километри.
На кросоверот GLA 250e му се потребни 7.1 секунди за да достигне 100 км/ч. Овој модел може да постигне максимална брзина од 220 км/ч и има чисто електричен опсег од 53-61 километри.
Кога батеријата е на 10%, таа може да се наполни за 1 час и 45 минути со користење на AC wallbox од 7.4 киловати, додека пак со брз полнач од 24 киловати, полнењето од 10% до 80% трае просечно 25 минути.
Mercedes изјавува дека и покрај додавањето на хибриден систем, багажниот простор е само минимално намален. Ова се должи на паметното пакување кое вклучува пократок издувен систем и резервар за гориво интегриран во местото на оската, што најмногу помогнало за да се создаде простор под задните седишта за батеријата.
Plug-in хибридните варијанти ќе можат да се нарачаат од оваа пролет, а испораките на возила ќе започнат неколку недели подоцна.