Официјално: Пристигна новиот Cupra Leon во три бензински и една хибридна варијанта – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Пристигна новиот Cupra Leon во три бензински и една хибридна варијанта

Cupra го претстави новиот Leon во компактна и караванска изведба, во четири различни верзии – од 245, па сè до 310 коњски сили.

Cupra Leon се разликува од истоимениот модел со ознака Seat преку редизајнирани преден и заден браник, нова предна маска и поизразени странични прагови. Најсилните верзии ќе добијат и нов заден дифузер, како и издувен систем со четири цевки.

Разликите во ентериерот се во форма на поспортски волан со зарамнето дно и Cupra ознака, а тука се и бронзени украси и контрастни бронзени зашивки. Моделот исто така доаѓа опремен со спортски седишта, заштитни плочки со осветлување на праговите, детали од темен алуминиум, амбиентално осветлување и поспортски педали.

Cupra Leon добива и 10.25-инчен дигитален инструмен панел, како и 10-инчен мултимедијален систем со можност за гласовни контроли, Android Auto и поддршка за безжичен Apple Carplay.

Гамата на бензински погонски единици е составена од 2.0-литарски TSI агрегат во три различни верзии. „Основната“ располага со 245 коњски сили и 370 Nm вртежен момент, посилната ќе се нуди со 300 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, додека најмоќната е резервирана само за караванската изведба и ќе испорачува 310 коњски сили и 400 Nm.

Првите два мотори се поврзани со менувач со двојна спојка, преку кој се испраќа силата кон предните тркала преку електронски диференцијал со ограничено пролизгување. Од друга страна, најмоќниот караван ќе располага со погон на сите тркала.

Од Cupra не објавија детални спецификации, но изјавија дека една од овие верзии ќе може да постигне забрзување од 0-100 км/ч за 4.8 секунди. Максималната брзина ќе биде електронски ограничена на 250 км/ч.

Поврзано:  Официјален старт на Cupra во Македонија!

Најголемата вест е новата plug-in хибридна варијанта. Нејзината конфигурација вклучува 1.4-литарски TSI турбо-бензински мотор усогласен со електричен мотор и литиум-јонска батерија од 13 kWh. Вкупната сила на оваа варијанта изнесува 245 кс и 400 Nm вртежен момент.

Иако plug-in хибридната варијанта не е најмоќна, таа може да се пофали со чисто електричен домет од 60 километри според WLTP. Кога батеријата е испразнета, таа може да се наполни за 3.5 часа со користење на AC Wall box од 3.6 киловати или за шест часа со користење на приклучок од 230 волти.

Управувањето на Cupra Leon е подобрено благодарение на спортска суспензија, Brembo сопирачки и систем за адаптивна контрола на шасијата. Тежишната точка на моделот е поставена за 20-25 милиметри пониско во споредба со Seat Leon.

Cupra Leon ќе биде лансиран во продажба при крајот на оваа година, а нарачки за моделот се веќе отворени.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.