Гамата на Серија 3 продолжува да расте со пристигнувањето на најсилната дизелска изведба M340 xDrive, во седан и караван изведба.
Моделот ќе биде погонуван од 3.0-литарски турбо-дизелски мотор со шест цилиндри поставени во линија. Тој произведува 340 коњски сили, како и 700 Nm вртежен момент кој го испорачува од само 1,750 вртежи во минута. Модерниот турбодизел е потпомогнат од 48-волтен електричен систем кој додава 11 коњски сили, а неговата батерија се полни од енергијата која се создава при сопирање. Моделот доаѓа сериски опремен со M Sport издувен систем и ги задоволува Euro 6d стандардите.
Новиот М340 xDrive седан е способен да забрза од 0-100 км/ч за 4.6 секунди, додека на караванската изведба и се потребни 4.8 секунди за да ја достигне истата брзина. Според BMW, просечната потрошувачка на седанот се движи помеѓу 5.3 и 5.7 литри на 100 километри, а караванот конзумира помеѓу 5.4 и 5.8 литри на 100 километри.
Погонската единица е усогласена со осум-степена Steptronic Sport трансмисија со интелигентен погон на сите тркала. Двете изведби доаѓаат сериски опремени со M Sport диференцијал на задната оска за подобрена тракција, посебно во свиоци. Исто така тука е и адаптивна M Sport суспензија со електронски контролирани амортизери како дополнителна опција. За сопирање се задолжени четири клипни клешти со 348 милиметарски дискови напред и едно-клипни клешти со 345 милиметарски дискови позади.
Визуелно новиот M340d xDrive модел се одликува со спортски преден и заден браник, а седан верзијата доаѓа со дискретен заден спојлер во боја на каросеријата. Ентериерот е опремен со спортски седишта, спортски кожен волан со мултифункционални команди и лопатки за промена на степените на пренос, специјални M Sport патосници и ‘Aluminium Tetragon’ детали.