Реакциите на медиумите и автомобилските ентузијасти во однос на новиот GR Yaris се толку позитивни, што наводно јапонскиот гигант размислува и за GR-изведба на новата Corolla.
Јапонскиот гигант веќе јавно кажа дека подготвува цела серија на спортски модели кои ќе ја носат ознаката GR – односно Gazoo Racing. По неодамнешното лансирање на спектакуларниот GR Yaris и одличните реакции кои супер-спортскиот супермини со 260 коњски сили и погон на сите четири тркала ги доби, Toyota наводно размислува за уште еден модел – GR Corolla.
Како што веќе знаеме, GR Yaris користи 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува моќни 260 коњски сили и 350 Nm вртежен момент кон сите четири тркала. Сега за сега нема информации дали спортската Corolla ќе добие погон на сите четири тркала, но се шпекулира дека ќе добие агресивен бодикит, мануелен менувач со шест брзини и цела лепеза на спортски GR додатоци.
Сепак – сега за сега ова се само гласини, а гласините кажуваат дека спортската Toyota GR Corolla би пристигнала на пазарот некаде во 2022 или 2023.
Забелешка: Насловната фотографија е од Toyota Corolla GR Sport – спортска изведба на новата Corolla која може да се добие со 1.8-литарскиот или 2-литарскиот хибриден погон на Toyota.