ТЕСТ: Opel Corsa 1.5 102 Diesel GS Line – Една поинаква Corsa – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Opel Corsa 1.5 102 Diesel GS Line – Една поинаква Corsa

Новата Corsa е првиот нов модел на Opel кој е целосно развиен откако германскиот бренд е дел од PSA – па всушност, каква е сега Corsa?

Најновата, шеста генерација на супер-популарното супермини на Opel е особено важна, бидејќи е првиот модел на германскиот бренд кој е целосно развиен под капата на PSA. Па токму затоа, очекувањата се навистина високи.

Но приказната зад најновата генерација на Corsa е интересна – бидејќи уште пред PSA да го преземе Opel од General Motors, Opel веќе работеше на новиот автомобил. Сепак, кога „новите газди“ стапија на сцената, тие го откажаа тој проект и одлучија да почнат „од нула.“ Тоа значеше нова платформа, нови мотори, нови технологии, ревидиран дизајн и многу, многу повеќе.

Нова модерна платформа

Ако минатата генерација беше поставена на истата платформа која се користеше и за генерацијата пред неа, тогаш новата Corsa е навистина освежена – бидејќи добива целосно нова платформа од PSA групацијата. Новата, хај-тек платформа на PSA е предвидена да може да биде компатибилна со различни погони, па токму затоа – исто како и новиот Peugeot 208 – уште на самиот старт Corsa може да се нарача со бензинец, дизел или како електрично возило. Дополнително, благодарение на напредните техники за производство и користењето на унапредени материјали, новата Corsa е до 10% полесна од својата претходничка – односно, во зависност од изведбата, може да тежи и само 980 килограми!

Здодевниот дизајн оди во историјата – Corsa изгледа младешки и динамично

А веќе при првиот контакт, Corsa изгледа одлично. Во пензија заминува малку „комбестиот“ дизајн на минатата генерација и со новиот автомобил добиваме навистина модерен и динамичен пристап кон нештата. Првиот впечаток го наметнуваат острите предни светла и широката маска на ладилинкот. Под нив е поставен широкиот отвор за воздух, а во самата маска на ладилникот гордо е поставен знакот на Opel.

Поврзано:  ТЕСТ: Opel Corsa 1.2 Hybrid eDCT6 Edition - Надградена и помодерна Corsa

Профилната линија е остро-дефинирана а двобојната комбинација на нашиот тестен модел дополнително го нагласува динамичниот карактер и визуелно ја приближува Corsa до подлогата. На задниот дел особено ни се допаѓаат хоризонталните задни светла и скоро купеовскиот завршеток на кровната линија. Сè на сè, Corsa изгледа младешки и динамично, а сликата одлично ја дополнува GS Line пакетот кој вклучува малку поинтересни браници и уште неколку други ситни спортски детали.

Модерна, практична и просторна кабина

Ни се допаѓа и кабината. Благодарение на GS Line пакетот добиваме интересни и привлечни спортски седишта кои не само што изгледаат одлично и нудат одлична поддршка, туку се и навистина кофморни. Материјалите кои се користени во кабината се воглавно квалитетни и цврсти пластики забележавме само на некои места – инаку, скоро сè што ќе допрете е фино на допир.

Седењето е изненадувачки ниско, но предните седишта се регулираат по висина, а по висина и длабочина се нагодува и управувачот – па лесно се наоѓа комфорна возачка позиција. Сите контроли се јасни и лесни за користење, а ни се допаднаа физичките контроли за клима уредот. Единствено малку ќе забележиме на трендовскиот piano black финиш на некои од пластиките – тренд кој никогаш не ни се допадна бидејќи ваквите површини се вистински магнет за прашина и отпечатоци од прсти.

Генерално, пофални зборови имаме и за мултимедијалниот уред кој има дисплеј со висока резолуција и прилично лесно се користи. Секако, можете лесно да го поврзете со вашиот мобилен телефон преку Bluetooth, но овозможено е и Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Единствената забелешка која ја имаме на ентериерот е недостатокот на средишен наслон меѓу возачкото и совозачкото седиште – но тоа може да се добие како дополнителна опрема.

Коректна е и понудата на простор на задната клупа – барем во контекст на класата. Двајца патници ќе седат прилично комфорно, но за тројца е веќе тесно. Багажникот исто така е во рамките на очекуваното за класата – на располагање имате 309 литри кои нараснуваат на 1081 литар со преклопени задни седишта. Плус, има мал милион места за одлагање ситници – како во вратите, така и меѓу седиштата.

Поврзано:  Opel Mokka беше дел од Skopje Coffee Festival

Идеална рамнотежа меѓу комфор и цврстина

Инаку, каква е Corsa зад управувачот? Ако мораме да одбереме еден збор да ја опишеме, ќе кажеме дека е созреана. Всушност, чувството е како да сме во автомобил кој е барем една класа поголем. Првиот позитивен впечаток доаѓа од суспензијата која успева скоро идеално да ја погоди рамнотежата меѓу комфор и диамичност. Од една страна успева да ги филтрира нерамнините од нашите улици, а од друга страна не е толку мека за да има нагласено навалување во свиоци – односно, успева да го искористи „мајсторлукот“ на французите кога станува збор за комфор и германците кога станува збор за спортска цврстина. Она што изненадува е подготвеноста на Corsa да се соочува со свиоци без посебно приговарање – дури и на зимски пневматици.

Понатаму, во кабината скоро и да не се пренесува несакана бучавост – дури и на повисоки брзини. Тоа го прави крстосувањето на автопат навистина лесно и до израз доаѓа еластичноста на малиот турбодизел.

Кога сме веќе кај моторот – и тој доаѓа од PSA. Новиот, 1.5-литарски турбодизел испорачува 102 коњски сили при 3500 вртежи во минута и 250 Nm вртежен момент од 1700 вртежи во минута. Силата се пренесува кон предните тркала преку прецизен 6-степен мануелен менувач, а добро-одмерените односи на брзините значат дека скоро во сите ситуации едноставно треба да ја притиснете педалата за гас и да уживате во забрзувањето. Според официјалните податоци, Corsa забрзува до 100 километри на час за 10.2 секунди и постигнува максимални 188 километри на час. За време на тестирањето ние измеривме потрошувачка која едвај надмина 6 литри дизел на 100 изминати километри во градски услови.

Поврзано:  Opel ја освежи Mokka - добива нов знак, нови светла, нови бои и освежен ентериер

Навистина, поинаква Corsa

Новата Corsa е навистина поинаква Corsa – и тоа не само поради новата групација во која припаѓа Opel. Пристапот е истовремено и позрел и помладешки. Corsa секогаш била сериозен автомобил, но сега се натпреварува на едно сосем поинакво, посериозно ниво. Затоа, ајде да го одговориме прашањето – каква е сега Corsa? Одлична!

Спецификации

Модел: Opel Corsa 1.5 102 Diesel GS Line
Мотор: 1.5-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 102 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Рачен, 6 брзини
0-100 км/ч: 10.2 секунди
Максимална Брзина: 188 километри на час
Должина: 4060 mm
Ширина: 1960 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1090 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2538 mm
Багажен Простор: 309 – 1081 литри
Потрошувачка: 6.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Opel Corsa 1.2 75 – 12.920 Евра
Цена на тестираниот модел: Opel Corsa 1.5 102 Diesel GS Line – 18.755 Евра
Повеќе Информации: Opel.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.