Во согласност со ЕУ легислативата, стандардизирани се ознаките кои се користат за идентификување на горивата. Дознајте што точно тие значат!
Од 12-ти октомври 2018, сите земји членки на Европската унија, ЕЕА земјите (Исланд, Лихтенштајн и Норвешка), Србија, Турција и нашата држава ќе треба да применуваат нов, заеднички и хармонизиран сет на ознаки за горива на сите новопроизведени возила и бензински станици на кои се продава бензин, дизел, водород, компресиран природен гас, течен природен гас или течен нафтен гас.
Новите ознаки треба да бидат поставени на сите пумпи, но и во близина на отворот на резервоарот за гориво на сите нови патнички возила, мотоцикли, лесни и тешки комерцијални возила и автобуси. Всушност, целта на овие ознаки е да се добијат јасни и стандардизирани информации за компатибилноста на горивата кои се продаваат на бензинските станици. Во документот на ЕК се наведува сè поголемата понуда на горива на пазарот и различните ознаки на нив може да доведе до забуна кај корисниците, особено на оние кои патуваат низ повеќе земји членки.
Новите ознаки се поделени во три групи – секоја со различна форма за полесно препознавање. Бензините ќе бидат означени со буквата E ставена во круг, дизел горивата со буквата B ставена во квадрат и гасоводните горива ќе бидат испишани во дијамант форма. Информацијата внатре во специфичните форми ќе го означува максималниот процент на биогориво во секое од горивата, кое е препорачано од производителите на возила.
Бензински Горива
Ознката за бензините е во форма на круг со Е5, Е10 и т.н. каде Е стои за специфичната био-компонента (етанол) содржана во бензинот.
Дизел Горива
Ознаката за дизел горивата е во форма наквадрат со B7, B10, XTL и т.н. каде B стои за специфичната био-дизел компонента што треба да биде содржана во дизел горивата, додека XTL стои за синтетички дизел и значи дека не e добиен од сурова нафта.
Гасовидни Горива
Ознаката за гасовидните горива е во форма на дијамант и го означува видот на горивото – CNG, водород, LNG или LPG.
Полначи за електрични возила
Интересен новитет се стандардизираните ознаки за полначите на електрични возила. Ознаките треба да помогнат корисниците полесно да ја препознаваат компатибилноста на поставените и достапни полначи со нивните возила. Ознаката е лесно препознатлива – бел или црн шестоаголник со буквата C.
Новите ознаки немаат за цел да ги заменат постоечките стандарди за безбедност и квалитет на горива, туку едноставно да го олеснат пристапот до потребните информации на возачите за компатибилноста на горивата и моторот на нивното возило.
Макпетрол веќе го применува овој заеднички и хармонизиран сет на ознаки за горивата на своите бензински станици.
ИЗВОР: Макпетрол Инфо Поинт