Минатата година се појавија гласини дека Land Rover планира да претстави помал теренец, кој ќе биде инспириран од Defender, a сега Македонскиот дизајнер Дејан Христов ни ја прикажува неговата визија како тој ќе изгледа.
Во дизајнерскиот дух на оргиналниот Defender, визијата на Христов се одликува со прави линии и рамни површини, како и модерно интерпретирани линии на профилот. Тука се и препознатливите дизајнерски елементи како панорамското стакло над задната клупа како и отворите на тркалата во форма на шестоаголник.
Гледајќи го од напред, теренецот е веднаш препознатлив како Land Rover, благодарение на неговата предна решетка. Светлата се посебно интересни бидејќи се едноставни LED ленти, уредно инкорпорирани во предниот дел, а на една од верзиите Христов има вметнато и LED светла во аглите на решетката.
Од останатото, теренецот е обликуван со рамен кров и коцкасти странични ретровизори и е прикажан во изведби од три и пет врати. На задниот дел, најзабележливи се високопоставените LED светла и покривката на резервното тркало.
Новиот помал Defender се очекува да пристигне во 2021, а доколку изгледа приближно добро како замислата на Христов, веруваме дека ќе биде вистински хит на пазарот.