ПРЕМИЕРА: SEAT ја претстави најновата, четврта генерација на Leon! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: SEAT ја претстави најновата, четврта генерација на Leon!

Шпанскиот бренд пред само неколку моменти ја претстави најновата, четврта, супер-напредна генерација на успешниот хечбек!

Со оглед на тоа дека Leon е најпродаваниот модел на SEAТ, воопшто не нè изненадува гордоста со која шпанскиот бренд објави дека лансирањето на новата, четврта генерација на Leon е проследено со инвестиција од 1.1 милијарди Евра. Инвестицијата со која SEAT го поддржува лансирањето на новиот Leon е насочена кон развој на новото возило, но и прилагодување на производствените капацитети на шпанскиот бренд.

Но, да зборуваме за новиот Leon. Дизајнот комбинира интересна дизајнерска филозофија која е во сржта на секој модел на SEAT, па веднаш се забележуваат динамичноста и спортскиот карактер. Ни се допаѓаат заострените предни светла и едноделниот заден светлосен елемент, како и динамичните отвори за воздух. Новиот Leon ќе може да се нарача со фул-LED предни светла, кои би требало да понудат одлично осветлување, а приказната со LED осветлувањето продолжува со дневните светла, страничните трепкачи и светлата за добредојде во вратите кои ќе ве поздрават на шпаски – Hola!

Дополнително, вреди да се напомене дека Leon е 86 милиметри подолг, 16 милиметри потесен и 3 милиметри понизок од моделот кој е во заминување, а истовремено е со цели 50 милиметри подолго меѓуоскино растојание – бројки кои ветуваат значително подобрена просторна понуда во кабината.

Кога сме кај кабината – од SEAT кажуваат дека кабината на новиот Leon е „врв на функционалноста, минимализмот и едноставноста.“ Мазните и широки површини ја истакнуваат едноставноста, а кабината е дизајнирана со врвна ергономија во предвид. Главниот збор го има централниот, 10-инчен мултимедијален уред, но некои критични функционалности задржуваат конвенционални контроли. Кабината добива и LED амбиентално осветлување.

Не е заборавено ниту на практичноста – новиот Leon доаѓа со багажен простор со капацитет од 380 литри, додека караванот Sportstourer добива 617 литри во багажникот. Понатаму, новиот Leon е целосно-поврзано возило – односно, во срцето на овој систем е SEAT Digital Cockpit панелот со инструменти, со дијагонала од 10.25 инчи. Full Link системот овозможува Android Auto или Apple CarPlay поврзување, како и можност за безжично полнење на мобилен телефон, гласовни контроли, врзување со SIM картичка за целовремена поврзаност – што пак овозможува дополнителни функционалности на системот за навигација – извештаи за сообраќај, итн.

Конечно – ајде малку и за моторите. За прв пат, Leon ќе ги добие 1-литарските TSI турбо-бензинци на Volkswagen групацијата, кои ќе нудат 90 или 110 коњски сили. Скалило над нив се две варијанти на 1.5-литарскиот TSI со 130 и 150 коњски сили, додека на самиот врв на бензинската понуда (сега за сега) е 2-литарскиот TSI со 190 коњски сили. Боите на дизелот ќе ги  бранат две изведби на 2-литарскиот TDI – со 115 и 150 коњски сили. Дополнително, достапна ќе биде и TGI изведба на природен гас, која добива 1.5-литарски турбо-бензинец со 130 коњски сили.

Секако, тука се и лајт-хибрид варијантите на Volkswagen во форма на еTSI моторите – 1-литарскиот eTSI ќе испорачува 110 коњски сили, а 1.5-литарскиот eTSI ќе испорачува 150 коњски сили. Обете верзии добиваат 48-волтен електричен систем и лајт-хибридни технологии и ќе се добиваат исклучиво со автоматски менувач. Конечно, Leon ќе добие и плаг-ин хибридна варијанта која комбинира 1.4-литарски TSI турбо-бензинец со електромотор и батерија со капацитет од 13 kWh, за вкупно 204 коњски сили и автономија на електрична енергија од 60 километри според WLTP.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.