ТЕСТ: KIA Proceed 1.6 T-GDI 204 DCT7 GT – Убавината на неконвенционалното – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Proceed 1.6 T-GDI 204 DCT7 GT – Убавината на неконвенционалното

Новиот KIA Proceed е еден од најконтраверзните нови автомобили – бидејќи ги напушта сите конвенционални ставови за тоа што треба еден спортски автомобил да биде и нуди интересна, алтернативна спортска опција.

Дискусијата за Proceed ќе ја започнеме со измените. Новитети има многу – името е ново (односно поедноставно), нова е каросериската изведба, нов е дизајнот, нов е моторот, нов е менувачот… Доволно?

KIA Proceed е всушност модерна интерпретација на Shooting Brake

Ајде по ред. KIA одлучи да го направи името поедноставно – па сите тие цртички и апострофи одат во пензија – и останува само Proceed. Соодветно на тоа, луѓето од KIA одлучија дека мораат да направат нешто радикално и со самата форма на автомобилот – и наместо купе со три врати, сега Proceed е низок, секси, купеовски караван со нагласени спортски карактеристики. Всушност – она кое многумина би го нарекле Shooting Brake.

Предниот дел е скоро идентичен како и кај регуларниот Ceed. Секако, добиваме спортски преден  браник со детали од сјајна црна пластика, привлечни светлосни групи, како и ситни црвени детали кои нагласуваат дека се работи за нешто поинакво. На маската на ладилникот гордо стои ознаката GT, која всушност кажува дека има нешто интересно и зад неа.

Но во оној момент кога ќе отидеме малку подалеку од предниот дел на Proceed, станува јасно дека работите се поинакви. Формата на Proceed е издолжена и ниска, а караванската форма изгледа несекојдневно – токму заради нискиот кров. Карактерната линија на вратите е јасно дефинирана, додека задниот дел… Задниот дел е вистински триумф – задните светлосни групи се „споени“, спојлерот дополнително го издолжува целиот автомобил, а на поклопецот од багажниот простор гордо стои името Proceed.

Сликата ја дополнуваат хромираните завршетоци од издувниот систем, големите 18-инчни тркала обвиени во Michelin спортски пневматици и неколкуте црвени детали тука и таму по каросеријата. Едноставно – KIA Proceed GT изгледа одлично.

Привлечна, комфорна и практична спортска кабина со многу, многу простор

Ја отвораме вратата и нè пречекува привлечната кабина која веќе добро ја познаваме, но во  однос на стандардниот Ceed, онаа на Proceed GT е забележително поспортска. Се спуштаме во ниското спортско седиште и уживаме во деталите. Седиштата се обвиени во кожа и алкантара, управувачот е со засечено дно, а насекаде околу нас имаме контрастни, црвени опшивки. Забележуваме привлечни детали и на други места – па ќе ги напоменеме и вратите кои се делумно покриени со кожа, добиваме и алуминумски педали, како и детали во сјајна црна пластика. Уште на првиот контакт, кабината на Proceed потенцира дека се работи за нешто поинакво.

Поврзано:  Македонска ренесанса на Kia Picanto!

Инаку, немаме забелешки ниту на ергономијата – седењето е спортски и ниско, но прегледноста е сепак сосем добра. Оние кои се повисоки можеби би имале малку проблем со просторот за главата поради нискиот кров и за нив би препорачале да не го нарачуваат сончевиот кров, бидејќи тој дополнително го спушта работ во ентеирерот за неколку сантиметри.

Од друга страна, сите контроли и команди се лесно достапни и јасни, а целата „приказна“ успешно комплетирана со практични и логични решенија – мултимедијалниот уред е лесен за користење, контролите за клима уредот се големи и разбирливи, дури и рачката од автоматскиот менувач е конвенционална и знаете кога сте во брзина.

Сосем во ред е и на задната клупа – сепак се работи за караван, а тоа значи дека на патниците ќе им биде комфорно. Задниот дел од задната клупа е коректно навален, а тоа значи дека патниците нема да седат „исправено“, туку комфорно ќе патуваат и на подалечни дестинации. Исто како и предните, и задните седишта се обвиени во кожа и алкантара, и добиваат контрастни опшивки.

Конечно, пристигнуваме и до багажниот простор. Со исправени задни седишта, добивате на располагање 594 литри. Спуштете ја задната клупа и ќе добиете одлични 1545 литри, достапни низ голем отвор на багажникот со правилна форма. Дополнителен бонус е системот за распоредување на товарот во багажникот, со кој ќе елиминирате несакано движење на помалите парчиња багаж. Практично!

Моќен турбо-бензинец и уверливи перформанси

Во ред – сега веќе можеме да зборуваме и за онаа ознаката GT. Таа ознака всушност кажува дека под поклопецот се крие 1.6-литарски T-GDI турбо-бензинец со директно вбризгување кој испорачува 204 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 265 Nm вртежен момент од 1500 до 4500 вртежи во минута. Во нашиот случај силата ја пренесува кон предните тркала преку 7-брзински автоматски DCT менувач со двојна спојка. Преведено во перформанси, тоа значи „стотка“ за 7.2 секунди и максимални 225 километри на час. Во нормален режим на работа менувачот на ниски вртежи секогаш тежнее кон одење степен повисоко со цел да ја намали потрошувачката – но ставете во Sport режим и перформансите се навистина убедливи  – на секое притискање „гас до даска“ менувачот на Proceed GT оди степен-два подолу, моторот силно вдишува и катапултира нанапред.

Поврзано:  ТЕСТ: KIA Picanto 1.2 5MT Concept - Добрите нешта доаѓаат во мали пакувања!

Дополнително, во Sport се менува и звукот – Proceed GT не станува прегласен, но звукот е подлабок и дефинитивно повозбудлив. Ниту управувањето не е за потценување – иако нема многу повратни информации низ управувачот, сепак самото управување е исклучително директно и прецизно, и во секој момент знаете каде се тркалата и што прават. Насочете го Proceed GT од свиок кон свиок и уживајте во подготвеноста да ја промени насоката. Одличните спортски пневматици нудат скоро неверојатна тракција и „држење“ во свиоци, а тоа пак резултира со сè поголема храброст на возачот зад управувачот – и Proceed GT едноставно не нé разочара.

Од друга страна, суспензијата успева прилично добро да ги елиминира нерамнините од нашите улици – но да не се лажеме, ова е спортски автомобил со спортска суспензија, каде некои компромиси мораат да бидат направени.

Максимум поени!

На самиот крај се наметнува заклучокот дека KIA Proceed GT е навистина интересен избор. Дури би рекле – алтернативен избор. Приказната за привлечен, практичен моќен и забавен автомобил ја комплетираат и нема-што-нема листата на опрема, како и врвната безбедност. А сето тоа пак некако нè наведува кон заклучокот дека е тешко да се најде замерка – да, ваквиот дизајн нема да биде по сечиј вкус, а ќе има и онакви кои ќе замеруваат на Shooting Brake категоризацијата – но да бидеме искрени, Proceed GT е кул – а тоа е нешто што станува вистинска реткост меѓу денешните автомобили.

Токму затоа, KIA Proceed GT добива максимум поени, барем според нашиот правилник.

Спецификации

Модел: KIA Proceed 1.6 T-GDI 204 DCT7 GT
Мотор: 1.6-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 204 коњски сили / 6600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 265 Nm / 1500 – 4500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 7.2 секунди
Максимална Брзина: 225 километри на час
Должина: 4605 mm
Ширина: 1805mm (без странични ретровизори)
Висина: 1422 mm
Тежина: 1540 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2650 mm
Багажен Простор: 594 – 1545 литри
Потрошувачка: 9.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: KIA Proceed 1.0 T-GDI 120 M6 GT Line – 24.990 Евра
Цена на тестираниот модел: KIA Proceed 1.6 T-GDI 204 DCT7 GT – 33.390 Евра
Повеќе Информации: KIAmotors.com.mk
Поврзано:  KIA подготви темелно освежување за мега-популарниот Sportage

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.