Шпанскиот бренд ја интензивира електрификацијата со плаг-ин хибридната верзија на својот најнов и најголем SUV.
Плаг-ин хибридниот Tarraco има вкупно 245 коњски сили, а ги добива благодарение на 1.4-литарски TSI турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили, во комбинација со електромотор кој испорачува дополнителни 116 коњски сили. Ова го прави Tarraco FR PHEV најмоќниот модел во понудата. Батеријата со капацитет од 13 kWh овозможува автономија на електрична енергија до 50 километри, како и супер-ниска емисија на CO2 од само 50 грама на изминат километар.
Системската моќност од 245 коњски сили и 400 Nm вртежен момент му овозможуваат на плаг-ин хибридниот SUV да забрза до 100 километри на час за само 7.4 секунди и да постигне максимални 217 километри на час.
Инаку, SEAT Tarraco се произведува во фабриката на Volkswagen во Wolfsurg, a истовремено е првиот плаг-ин SUV во оваа класа во рамките на Volkswagen групацијата. Со новиот хибрид SEAT ја демонстрира својата стратегија во однос на електрификацијата – најавуваат шест електрични и плаг-ин хибридни SEAT и CUPRA модели до 2021. Истовремено, SEAT се фали со зголемена продажба во првите шест месеци од оваа година од дури 7.8% во однос на првите шест месеци од 2018.
Истовремено, со новиот PHEV, SEAT го воведува и FR нивото на опрема и кај Tarraco. Големиот SUV добива пошироки крила, заден спојлер, уникатни 19-инчни (или 20-инчни, по нарачка) тркала, FR ознаки и уште мал милион други ситници и детали. Нова е и бојата – Fura Grey – која дополнително ги истакнува измените на екстериерот.