ТЕСТ: Toyota RAV 4 2.0 Dynamic AWD – Логичен или нелогичен избор? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota RAV 4 2.0 Dynamic AWD – Логичен или нелогичен избор?

Поминавме неколку денови со новиот Toyota Rav4 – но направивме храбар избор и одбравме верзија опремена со класичен бензинец. Дали таквиот мотор е логичен, или нелогичен избор?

Кога Toyota го претстави новиот Rav4, светот како да застана за момент. Каде отиде сета онаа јапонска конзервативност? Што се случи со резервираноста и дискретноста? Очигледно, луѓето од Toyota одлучиле дека на супер-популарниот SUV му треба малку повеќе самодоверба и малку повеќе храброст – и резулатот е SUV кој тотално ги напушта сите оние конвенционални сфаќања кои можеби ги имаме и наметнува целосно нов сет правила.

Како тоа?

Дизајнот на новиот RAV4 нема врска со претходникот.

Па, ајде прво за дизајнот. За новиот Rav4 можеме без грам воздршка да кажеме дека нема врска со претходникот. Онаму каде претходните генерации изгледаа некако здодевно, новиот Rav4 изгледа младешки, хај-тек, храбро и самоуверено. Формите се големи и робустни, линиите остри, храбри и  одлучни – и добиваме дизајн кој едноставно изгледа добро.

На предниот дел доминираат големите предни светла и „намуртениот“ лик, профилот е изненадувачки динамичен благодарение на прекршените форми на вратите и заострените линии на крилата, а на задниот дел доминираат светлата, масивниот браник и спојлерот – и сето тоа резултира со дизајн кој од една страна е типично јапонски, но од друга страна е тотално и целосно нов. Браво Toyota!

Темелно модернизирана, практична и комфорна кабина

Одиме понатаму – влегуваме во кабината. Кабината е нијанса помалку радикална од екстериерот – но сепак прави квантен скок нанапред во однос на минатата генерација. Целата конзола е слоевито поставена и главен акцент е даден на полу-дигиталниот панел со инструменти пред возачот, односно дигиталниот мултимедијален уред на врвот на централниот гребен.

Мултимедијалниот уред не е толку добор „испеглан“ како кај некои од германските конкуренти, но набрзина се навикнавме на него и немавме проблеми при користење. Многу ни се допаднаа големите гумирани контроли за клима уредот кои не само што изгледаат супер-кул, туку и се навистина лесни за користење.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Всушност, можноста да се контролираат многу од работите во автомобилот преку физички контроли наместо преку буричкање низ мултимедијален уред и тргање на погледот од патот е начинот на кој треба да бидат направени работите. Повторно – браво Toyota!

Ниту  на патниците на задната клупа нема да им биде лошо. Напротив, дизајнерите успеале да „ги спакуваат“ работите на одличен начин – па на задната клупа има многу простор – дури и тројца патници ќе можат да патуваат комфорно, нешто кое не можеме да го кажеме за премногу автомобили. Секако, ги добивате оние стандардните работи како што се USB полначи за мобилни уреди, како и многу места за одлагање на ситници и дребулии – како на задните, така и на предните седишта.

А доколку ви треба многу простор за не-баш-ситници-и-дребулии, тогаш го имате на располагање багажникот. Капацитетот е одлични 580 литри, кои нараснуваат на дури 1690 литри кога ќе ги спуштите задните седишта. Пристапот кон багажникот е лесен – вратата е огромна а отворот е со правилна форма, па лесно ќе внесете и поголеми предмети.

Бензинец во толкав SUV?

И сега доаѓаме токму до прашањето кое го поставивме на почетокот – дали бензинец во Rav 4 е логична или нелогична работа. Под поклопецот на нашиот автомобил беше поставен 2-литарски атмосферски бензинец кој испорачува 175 коњски сили при 6600 вртежи во минута и 208 Nm вртежен момент од 4300 до 5200 вртежи во минута. Силата (во конкрениот случај) ја пренесува кон сите четири тркала преку автоматски CVT менувач.

Сепак, вреди да се напомене дека во услови на нормално возење силата се пренесува кон предните тркала со цел да се заштеди гориво. Системот пренесува дел од силата и кон задните тркала во оној момент кога ќе забележи пролизгување. Забрзувањето до 100 километри на час трае 11 секунди, додека максималната брзина е 190 километри на час.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Но она кое навистина нè изненади е потрошувачката. Очекувавме дека големиот SUV ќе троши 14-15 литри на 100 километри во градски услови – и бевме тотално изненадени кога видовме просечна потрошувачка која едвај надминуваше 10 литри на 100 изминати километри, а понекогаш паѓаше и под тоа. Тоа не е воопшто лошо за толку голем автомобил со сета опрема која ја има во него! Браво Toyota!

Опрема и безбедност

Опрема? Секако, и тоа многу! Веќе напоменавме дека добивате двозонска автоматска клима, а добивате и автоматски менувач, греење на седиштата, мултимедијален уред со Bluetooth, дигитален дисплеј пред возачот, темпомат, сензори и камера за паркирање, LED светла, 17-инчни тркала, електрохроматски ретровизор, цеееееееееела лепеза на системи за активна и пасивна безбедност и мал милион воздушни перничиња, темпомат, загревани прскакли на ветробранското стакло…

А како е зад управувачот?

Конечно, да зборуваме и за искуството зад воланот. Новиот Rav4 – и покрај прилично големите димензии – е исклучително лесен за маневрирање низ град. Тоа го придаваме на високата седечка позиција, големите стаклени површини, големите ретровизори, лесниот серво-управувач и – секако – паркинг сензорите. Суспензијата е дефинитивно ориентирана кон комфор и ова не е уште еден упропастен SUV каде поради некои погрешно-дефинирани спортски амбиции комфорот е нарушен  – напротив, Toyota RAV4 е јасно и гласно ориентирана кон комфорно возење и тоа ја прави бесценета. Но немојте да помислите дека тоа ја прави да биде непрецизна за управување – напротив, управувањето е директно и прецизно и навалувањето во свиоци е успешно контолирано.

Да одговориме на прашањето – логичен или нелогичен избор?

И сега, што правиме со прашањето кое го поставивме? Дали RAV4 со бензинец е логичен или нелогичен избор? Признаваме дека и ние пристапивме со одредена (во ред, не баш мала) доза на скептичност – едноставно, навикнати сме ваквите автомобили да ги добиваме со турбодизел, или во случајот на Toyota со одличниот и економичен хибриден погон. Но бензинец во SUV? Па тоа е американска работа! Но реалноста е сосем поинаква – бензинецот не вреска со своите перформанси, туку импресионира со својата рафинираност и економичност. Кога на сето тоа ќе ги додадеме одличниот дизајн, богатата опрема и многуте модерни технологии… Тогаш нема зошто Toyota RAV4 со бензинец не би била логичен избор.

Поврзано:  RAV-X е робусна верзија на Toyota Rav4

Димензии

Спецификации

Модел: Toyota RAV4 2.0 Dynamic AWD
Мотор: 2-литарски атмосферски бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 175 коњски сили / 6600 вртежи во минута
Вртежен Момент: 208 Nm / 4300 вртежи во минута
Менувач: Автоматски CVT
Забрзување 0-100 км/ч: 11 секунди
Максимална Брзина: 190 километри на час
Должина: 4600 mm
Ширина: 1855 mm (без странични ретровизори)
Висина: 1685 mm
Тежина: 1560 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2649 mm
Багажен Простор: 580 – 1690 литри
Потрошувачка: 10.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota RAV4 2.0 Active FWD – 30.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota RAV4 2.0 Dynamic Auto AWD – 37.990 Евра
НАПОМЕНА: Во моментот на објавување конкретниот модел е на акциска понуда по цена од 29.590 Евра.
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.