Новиот Mercedes-Benz CLA пристигна во Македонија – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Mercedes-Benz CLA пристигна во Македонија

Новиот Mercedes-Benz CLA – чиј дизајн го потпишува Славче Таневски – пристигна во салонот на Мак Аутостар во Скопје.

На почетокот на оваа година, новата, втора генерација на Mercedes-Benz CLA дебитираше во Лас Вегас – и новиот купе-седан на германскиот луксузен бренд веќе пристигна во Македонија.

Како што веќе пишувавме, новиот дизајн е поостар, позатегнат и е во согласност со тековниот јазик на германскиот бренд – познавачите на брендот ќе препознаат дизајнерски детали кои влечат инспирација од големиот CLS. Сепак, CLA има свој лик, особено во предниот дел кој добива предни светла со поинтересна форма од оние кај A-Class. Задниот дел иако влече инспирација од CLS, сепак има свој идентитет (и во нашите очи дури изгледа подобро од големиот брат). Секако, тука е очекуваната купеовска форма, но и моќните самоуверени линии кои одлично му прилегаат на компактниот купе-седан.

Кабината го добива Mercedes-Benz User Experience (MBUX) системот, и стандардно доаѓа со 7-инчни дисплеи. Купувачите ќе можат да доплатат за два 10.25 инчни дисплеи, како и за контрола преку гестикулации. Секако, CLA ги добива сите модерни технологии на Mercedes-Benz кои се дел од MBUX пакетот – па тоа значи дека ќе добиете навистина многу „играчки“.

Во салонот во моментов се изложени два примероци – еден „стандарден“ CLA и еден со додаден AMG пакет на опрема во Edition 1 издание. Ова е одлична шанса да се види CLA во две различни изданија и да се види двојниот карактер кој CLA може да го има.

Новиот CLA можете да го нарачате со еден од неколкуте турбо-бензински или турбодизел мотори, а секако тука се и неизбежните AMG-изведби. Mercedes-AMG веќе ги претстави CLA 35 со 306 коњски сили и CLA 45 со 421 коњска сила. Цените за новиот Mercedes-Benz CLA на нашиот пазар започнуваат од 33.700 Евра, а за повеќе информации обратете се во Мак Аутостар.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.