Британскиот бренд објави како ќе изгледа екстериерот на претстојниот DBS GT Zagato во серија официјални рендери.
Најновиот суперавтомобил на компанијата, кој ќе биде произведен во ограничена серија од 19 примероци, ја прикажува новата еволуција на дизајнерскиот јазик на моделите на Aston Martin Zagato. Тој е создаден да ја одбележи 100 годишнината на Италијанската дизајнерска куќа, како и речиси 60 години соработка помеѓу двете компании.
Најистакнати визуелни одлики на новиот модел се поголемите предни светла и масивната активна предна решетка составена од 108 парчиња во форма на дијамант, кои се затворени кога возилото е паркирано и се отвараат со секое палење на 6.0-литарскиот V12 твин-турбо агрегат.
Покрај решетката, серискиот модел ќе доаѓа и со целосен карбонски кров, без заден прозорец за помала тежина. Сепак, видливоста кон назад нема да биде изоставена благодарение на централниот ретровизорски екран поврзан со задна камера. Во задниот дел, новиот DBS GT Zagato во главно го презема дизајнот од Vanquish Zagato со мали измени.
Производството на најновиот Aston Martin ќе започне во 2020 година, но ќе се продава во пакет со моделот DB4 GT Zagato Continuation. Заедничкиот пакет ќе чини вкупно 6 милиони британски фунти!