Најмалите „полномасни“ AMG модели користат 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 382 или 421 коњска сила – и најмоќната A-Class на сите времиња катапултира до 100 километри на час за само 3.9 секунди!
Новите AMG-изведби на A-Class и CLA користат 2-литарски турбо-бензинец кој ја носи ознаката M139 и испорачува 382 коњски сили и 480 Nm вртежен момент во „стандардна“ изведба, односно 421 коњска сила и 500 Nm вртежен момент во S-верзијата. Без разлика на моделот и изведбата, сите верзии добиваат AMG Speedshift менувач со двојна спојка, како и супер-напреден 4Matic+ погон на сите четири тркала. Што значи тоа во превод? Тоа значи 4 секунди до 100 километри на час за A45 AMG, односно 3.9 за AMG S изведбата. „Обичните“ модели се ограничени на 250 километри на час, додека AMG S верзиите достигнуваат 270 километри на час.
Секако, каросеријата и подвозјето се дополнително затегнати, што пак влијае позитивно на цврстината на автомобилите и соодветно на тоа – управливоста. Инженерите од AMG се фалат со AMG Torque Control системот кој е дел од Performance 4Matic+ системот. Овој систем е поставен во задниот диференцијал и користи две електронски-контролирани спојки за поголема прецизност при дистрибуција на силата меѓу задните тркала. AMG S моделите добиваат и Drift режим, кој може да се нарача како дополнителна опрема кај стандардните верзии.
Продажбата на новите бејби-ракети на AMG се очекува да започне до крајот на оваа година.