ПРЕМИЕРА: Audi го претстави новиот S8 – кој носи 4-литарски V8 со 570 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi го претстави новиот S8 – кој носи 4-литарски V8 со 570 коњски сили!

Врвната изведба на големиот седан доаѓа со 4-литарски твин-турбо V8 бензинец кој испорачува 570 коњски сили и 800 Nm вртежен момент.

Големиот (ама навистина голем) седан ја испорачува сета таа сила од моторот кон сите четири тркала преку quattro погон (со спортски диференцијал) и автоматски менувач. Стандардно ќе доаѓа опремен и со управување на сите четири тркала, а ќе може да се нарачаат и карбон-керамички дискови за сопирачките со дијаметар од 16.5 инчи на предните тркала, односно 14.6 инчи на задните.

Инаку, уште еден интересен новитет (кој е достапен благодарение на 48-волтниот електричен систем кој вклучува лајт-хибрид технологии и старт-стоп функционалност) е и напредната воздушна суспензија и активните анти-рол барови. Во спортски режим на работа, суспензијата дозволува навалување до само 2.5 степени во свиоци, односно до 5 степени кога автомобилот е во комфорен режим.

Инаку, дизајнерските измени се прилично дискретни – оние со поостар вид ќе забележат суптилно редизајниран преден браник со понагласени странични отвори за воздух, поголеми тркала, очекуваните капаци на страничните ретровизори во мат-сребрена боја, како и редизајниран заден браник со четири (вистински!) завршетоци на издувниот систем. Кабината добива детали од карбон, како и спортски седишта и мал милион други ситни детали кои нагласуваат дека се работи за знаменосецот од Инголштад.

Новиот S8 се очекува наскоро да биде достапен за нарачки.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.