Овогодинешните признанија за Мотор на Годината одат кај некои очекувани мотори, но имаме и неколку интересни новитети.
Очекувано, признанието за мал турбо-бензинец оди кај 1-литарскиот EcoBoost на Ford. Ова е вкупно 11-то признание за EcoBoost семејството, и 7-ма последователна титула за овој мотор во неговата класа. Малиот EcoBoost е еден од првите вакви мотори кои воопшто се вградуваат и изминативе неколку години се докажа како моќен и економичен. Ние неодамна го возевме токму 1-литарскиот EcoBoost со 125 коњски сили во новиот Ford Focus.
Признание доби и Jaguar, за новиот целосно-електричен погон кој за прв пат се нуди кај новиот Jaguar I-Pace. Интересно е што електричните погони почнуваат да добиваат вакви признанија – и воопшто не е неочекувано што I-Pace го доби признанието оваа година.
Признание во својата категорија доби 2.5-литарскиот турбо-боксер на Porsche кој се вградува во Porsche 718 Boxster S и Porsche 718 Boxster S, како и помоќните варијанти на овие возила. Ние добро го познаваме овој мотор – веќе сме го пробале неколку пати, најнеодамна пред само неколку седмици за време на Porsche Driving Experience турнеата токму по нашите патишта.
Понатаму, признание доби и Mercedes-AMG за својот 4-литарски битурбо V8 кој станува „резидентен“ кај AMG моделите – тој се вградува во многу модели на Mercedes-AMG, но и во неколку модели на Aston Martin.
Признанието за најдобар хибриден погон отиде кај BMW за погонот кој се вградува во i8, кој комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец со електромотор.
Во категоријата од 150 до 250 коњски сили, титулата отиде кај 2-литарскиот 4-цилиндерски TFSI турбо-бензинец на Audi, односно Volkswagen групацијата. Исто така, и овој мотор неколкукратно ја добива титулата.
На самиот врв е 3.9-литарскиот битурбо V8 на Ferrari, кој освои највеќе поени – дури 425. Овој мотор се вградува во 488 GTB, 488 Spider и 488 Pista.
Им честитаме на победниците!