ТЕСТ: Range Rover Evoque D180 SE AWD Auto – Не ме викај Бејби! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Range Rover Evoque D180 SE AWD Auto – Не ме викај Бејби!

Минатата, прва генерација на Evoque покажа дека привлечноста на Range Rover не е резервирана само за „големите браќа“ – но во време кога и конкуренцијата покажа дека може да понуди навистина интересни производи, дали новиот Evoque може да ја продолжи успешната приказна?

Добар ден Дами и Господа, грофови и грофици, кралеви и кралици, благородници. Добредојдовте во новиот Evoque. Ако своевремено, при лансирање на првиот Evoque, Range Rover одлучи да се „асоцира“ со Викторија Бекам, овој пат одлучија да не направат ништо толку… Обично. На еден автомобил како Range Rover му прилега асоцијација со вистинско благодорништво, не нешто толку провидно како… Нејсе, да не бегаме од темата.

Новиот Range Rover Evoque настапува мошне самоуверено – и има зошто. Пред да зборуваме за оние, механичките работи – ајде прво да зборуваме за дизајнерските работи. Evoque очигледно влече инспирација од големиот Velar – кој, патем, во нашите очи еден од најубавите големи SUV модели кои се нудат на пазарот во моментов – но истовремено има свој, засебен лик.

Најверојатно тука огромна улога имаат и намалените димензии – онаму каде Velar е голем и горд, Evoque е помал, но не е ниту за нијанса помалку горд. Во неговиот дизајн нема ништо вулгарно, ништо валкано  – туку секоја линија е онаму каде треба да биде, секој детал е внимателно одработен. Погледнете го Evoque од било кој агол – и пробајте да најдете критика.

Evoque е еден од најубавите модели во сегментот – ако не и најубавиот?!

Предниот дел е супер-чист – тенките хоризонтални предни светла се поставени околу предната маска на ладилникот (која, спротивно на трендовите, не е со димензии на мала држава, туку е дискретна и компактна) во која стои логото на Land Rover. Над маската – на поклопецот на моторот – гордо стои името Range Rover. Под маската се поставени отворите за воздух, а под браникот се наѕира заштитниот панел.

Профилот е исклучително елегантен – само не сме баш сигурни за деталот кој се провлекува од страничните крила до под ретровизорите. Кога сме кај крилата – на нашиот тестен модел во нив се криеја огромни, 21-инчни тркала кои од-лич-но му прилегаат на модерниот Evoque. Плус, супер детал се рачките кои се вовлекуваат во вратите кога не се користат – и тој детал прави огромна разлика во чистотата на страничните линии. Задниот дел е низок и некако… …стиснат – но изгледа навистина модерно и идеално ја заокружува приказната за Evoque. Особено ни се допадна начинот на кој се изведени задните светла и таа длабочина која ја имаат – која е тешко да се објасни со зборови. Сè на сè – дизајнерски, новиот Evoque е полн погодок – и дефинитивно е еден од најубавите модели во овој сегмент – ако не и најубавиот!

Кабината нема да Ве остави рамнодушни

Ја отвораме вратата – и веќе на старт, Evoque не нè остава рамнодушни. Во ред, ова е супер-опремен примерок – но едноставно, изгледа фантастично. Исто како и екстериерот, и ентериерот зрачи со онаа многу-многу-многу-тешка-за-постигнување комбинација од модерни хај-тек детали и старошколска едноставност. Браво за дизајнерите на Range Rover. Бра-во.

Поврзано:  Apocalypse 6×6 Defender е подготвен за крајот на светот

Седиштата се супер-дупер комфорни и лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Во ред, прегледна кон предниот дел. Кон задниот дел – опаѓачката кровна линија си го зема својот данок, па прегледноста не е баш идеална. Но инженерите на Range Rover нашле толку добро решение, што ќе се прашате зошто никој друг не го прави тоа. Во таканаречената „sharkfin“ антена поставена на кровот е вградена камера, а во самиот ретровизор е вграден дисплеј – па со стискање на копче на централниот ретровизор вие всушност гледате позади вас.

Генијално.

Пред вас е управувачот, а зад него дигитални инструменти кои се хит во моментов – а и има зошто. Конфигурабилноста им е силна страна и во секој момент можете да ги видите информациите кои сакате да ги видите – можете да видите информации околу возењето, околу навигацијата, музиката која свири, телефонот, итн..

На централната конзола се поставени два екрани – едниот за мултимедијалниот уред и уште еден под него наменет за контролирање на режимите за возење и клима уредот. Сè што ќе допрете е покриено со супер-квалитетни материјали и завршната обработка е онаква каква би очекувале од аристократски автомобил.

За разлика од минатиот модел, сега во новиот модел патниците на задната клупа ќе можат да седат комфорно. Меѓуоскиното растојание е подолго за 20 милиметри – а тоа резултира со повеќе простор за нозете за патниците на задната клупа, а има и повеќе места за рамената. Ќе го пофалиме и багажниот простор – со исправени задни седишта имате на располагање 591 литар во багажникот. Спуштете ги задните седишта и таа бројка расте на импресивни 1383 литри.

Поврзано:  Defender и џез одат заедно!

Прилично практичен низ град, супер-комфорен на отворено, самоуверен кога „ќе снема асфалт“

Во ред, а каков е Evoque во возење? Низ град – очекувано лесен. Високата седечка позиција и воглавно добрата прегледност, како и многуте камери и сензори резултираат со навистина лесно маневрирање и паркирање во градскиот метеж и по тесните паркинг-места. Под поклопецот мирно работи 2-литарски турбодизел во комбинација со 9-брзински автоматски менувач, па резултатот е очекувано рафиниран.

Турбодизелот испорачува 180 коњски сили и 430 Nm вртежен момент – доволно за „стотка“ за 9.3 секунди и максимални 205 километри на час. Градската потрошувачка нема да надмине 9 литри на 100 изминати километри.

Напуштете го градскиот метеж и излезете на отворен пат, и ќе ве изненади рафинираноста на Evoque дури и при повисоки брзини. Всушност, еден од најдобрите таленти на премиум и луксузните возила е да понудат исто чувство како на 120 километри на час, така и на… Хм.. Повисоки брзини. Иако ние никогаш не би го направиле тоа, Господине Полицаец. Искрено. Чесен збор.

Но сепак – Evoque не би бил Range Rover ако не е незапирлив кога целосно ќе го напуштите асфалтот. Ние побаравме предизвици – и едноставно, ништо кон што го насочивме Evoque не беше посебен предизвик. Evoque го добива фантастичниот Terrain Response 2 системот, кој се контролира преку еден од екраните во централната конзола – и е направен за дури и најнеталентираните возачи да можат да се снајдат.

Сè што треба е да изберете на каков терен се наоѓате – или ако не можете да погледнете низ прозорецот и да одредите дали сте во кал, на песок или на снег, да го оставите во автоматски режим – и да насочите во која насока сакате да одите – и Evoque ќе ве однесе таму.

Поврзано:  Заедно со сегашните и идни сопственици, Defender гордо ја започна поддршката на Скопскиот Џез Фестивал

Заклучок? Evoque е заслужено горд.

Ако ја направите грешката да кажете дека Evoque не е вистински Range Rover, тогаш ќе успеете да го навредите овој автомобил. Evoque е вистински Range Rover по секоја можна „математика“. Модерен, луксузен, рафиниран и исклучително мулти-талентиран. Не ја правете грешката да мислите дека Range Rover не е доволно добар, само затоа што е помал од своите големи браќа. Едноставно, не го викајте „Бејби Рејнџ Ровер“ – Evoque е горд и самоуверен, како што и треба да биде!

Спецификации

Модел: Range Rover Evoque D180 SE AWD Auto
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 340 Nm / 1750 – 2500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 9 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.3 секунди
Максимална Брзина: 205 километри на час
Должина: 4371 mm
Ширина: 2100 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1649 mm
Тежина: 1875 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2681 mm
Багажен Простор: 591 – 1383 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Range Rover Evoque M6 eD4 – 46.500 Евра
Цена на тестираниот модел: Range Rover Evoque D180 SE AWD Auto – 77.800 Евра
Повеќе Информации: https://mk.landrover.com/

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.