РЕПОРТАЖА: Porsche Driving Experience – Прв пат зад воланот на новиот Porsche 911! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕПОРТАЖА: Porsche Driving Experience – Прв пат зад воланот на новиот Porsche 911!

Porsche Road Tour повторно кај нас – и ние имавме одлична можност за прв пат да седнеме зад воланот на новиот Porsche 911.

Скоро сите нови модели на Porsche повторно во нашите раце – и имавме одлична можност да седнеме зад управувачот на еден од најважните новитети оваа година. Да, дами и господа – новиот Porsche 911!

Сепак, пред да зборуваме за новиот 911, ајде малку и за останатите модели. Овој пат во Македонија (покрај две верзии на новиот 911) пристигнаа и новиот 718 Cayman T, супер-забавниот (и екстремно вокален) 718 Boxster GTS, како и Macan S, Panamera Turbo S E-Hybrid и моќниот Cayenne Turbo.

Близнаците Boxster и Cayman се многу, многу повеќе од „вовед во Porsche“

Близнаците Cayman и Boxster се многу повеќе од „вовед во Porsche“. Малите спортски автомобили со моторот поставен на средината се меѓу најзабавните спортски автомобили на планетава – особено во овие изданија. Cayman T ја следи филозофијата на 911 Carrera T и се концентрира на оние кои сакаат максимално да уживаат во возењето.

Неговиот 2-литарски боксер турбо-бензинец испорачува 300 коњски сили и овозможува „стотка“ за 5.1 секунда, односно 4.7 секунди со Sport Chrono пакетот, како и максимални 275 километри на час. Само уште да беше со мануелен менувач… Од другата страна го имаме 718 Boxster GTS кој нуди 365 коњски сили, „стотка“ за 4.9 (односно 4.1) секунди и максимални 290 километри на час. Фановите на Porsche знаат дека ознаката GTS кажува дека се работи за нешто посебно – и навистина е така. 718 Boxster GTS е убедливо најгласниот член на оваа весела дружина – малку креативност со педалата за гас е сè што е потребно за издувниот систем јасно и гласно да каже што има да каже… Понатаму – бидејќи се со средно поставен мотор, Cayman и Boxster нудат едно сосем поинакво ниво на неутралност и управливост. Во суштина, и Cayman и Boxster сакаат да бидат „фатени за гуша“ и возени како што треба… Како што им доликува!

Поврзано:  Ексклузивна македонска премиера на новиот Porsche 911

Плус, отворениот кров на 718 Boxster GTS значи максимално уживање во звуците „пукањето“ на издувниот систем, секаде. Ама навистина секаде.

Има причина зошто Porsche ги нарекува Macan, Cayenne и Panamera „спортски автомобили со четири врати“

Освежениот Macan ни е добро познат – неодамна и ние го тестиравме. Сега се дружевме со Macan S кој доаѓа со 3-литарски твин-турбо V6 и располага со 355 коњски сили. Благодарение на сите овие коњи, Macan S забрзува до 100 километри на час за 5.1 секунда. Сепак, мораме да истакнеме дека одлично му прилега оваа храбра, зелена боја – и повторно ќе нагласиме – Macan ќе ги изненади оние кои на SUV спортските автомобили на Porsche им пристапуваат со скепса. Во оваа изведба Macan е уште позабавен, побрз и повторно и повторно изненадува со способноста да ги надмине стереотиповите кои еден SUV неизбежно ги носи и да ставни насмевка на лицето на возачот.

А токму таа мисла нè води директно до големиот Cayenne Turbo. Cayenne Turbo под поклопецот крие 4-литарски V8 кој во соработка со два огромни турбополначи испорачува 550 коњски сили и 770 Nm вртежен момент.

Да го преведеме тоа во перформанси – Cayenne Turbo забрз.,. Не, не забрзува, тој катапултира до 100 километри на час за 3.9 секунди и постигнува максимални 286 километри на час. Повторно – 3.9 секунди! До пред година-две, тоа беа бројки кои беа резервирани за италијанска егзотика. Hot damn! А кога на сето тоа ќе се додаде системот за управување на задните тркала, новата, напредна воздушна суспензија и активниот анти-рол бар… Ако Macan е изненадувачки способен, Cayenne е сето тоа, навиено на 11. А кога сакате да биде цивилизиран, тогаш е цивилизиран и ќе стигнете онаму каде сте тргнале без нималку драма.

Од Cayenne Turbo одиме во најмоќната изведба на Panamera – Panamera Turbo S E-Hybrid. Внимателно сега –  Panamera Turbo S E-Hybrid комбиира 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 550 коњски сили и плаг-ин хибриден систем кој користи батерија со капацитет од 14.1 kWh и електромотор кој испорачува 136 коњски сили.

Поврзано:  Новиот електричен Porsche Macan официјално лансиран и во Македонија!

Системската моќност е – верувале или не – 680 коњски сили и 850 Nm вртежен момент. Секако, добивате врвен луксуз и сите можни играчки кои Porsche ги нуди – и лансирање до 100 километри на час за 3.4 секунди, како и максимални 310 километри на час. Во мега-седан кој тежи 2300 килограми, може да помине 40-тина километри на електрична енергија, и ако сте внимателни да троши многу, многу малку бензин.

Конечно… Новиот 911!

Конечно! Новиот 911! Новата генерација ја носи ознаката 992 и носи многу новитети. Дизајнот е еволуција – како што и очекуваме – но веднаш се забележува дека се работи за нов модел, особено гледан одзади. Сега сите верзии се со поширока каросерија (за да ги собере големите тркала) и сите верзии се со мотор со турбополнач. Speaking of моторот – 3-литарскиот твин-турбо боксер со шест цилиндри испорачува 450 коњски сили во оваа Carrera S изведба и ќе ви донесе 100 километри на час за само 3.5 секунди. Одберете Carrera 4S која „трча на сите четири тркала“ и ќе го постигнете истото за 3.4 секунди. Разликите меѓу двата автомобили се минимални – но кај Carrera S се чувствува нијанса поголема подготвеност за играње играчки

Но не е сè во бројките – низ генерации и генерации инженерите и дизајнерите на Porsche ја подобруваат формулата за „автомобилот со мотор на погрешно место“ и она кое го добивате е едно од најчистите возачки искуства на светот. Директноста на управувањето и подготвеноста на моторот да одговори на секоја ситуација се помалку или повеќе без конкуренција – и има причина зошто 911 е на ѕидовите во многу детски соби.

Поврзано:  Porsche Клуб Македонија го прослави третиот роденден

Понатаму – кабината на новиот 911. Пред возачот централно е поставен аналоген мерач на вртежи додека лево и десно од него се поставени два дигитални дисплеи кои ги „симулираат“ ретро-инструментите кои секогаш биле препознатливи кај 911. Возачката позиција е едноставно совршена, а трансформацијата која 911 ја доживува кога ќе префрлите од Normal во Sport е повеќе од забележителна. Управувачот станува нијанса потежок, суспензијата е поцврста, одзивот на педалата за гас е подиректен и издувот е погласен – и сето тоа е… Ненадминливо.

Нашето дружење со гамата на Porsche заврши – несомнено возбудлив ден со чистокрвни спортски автомобили кои со причина се сон на многумина. Всушност, тешко е да имате повеќе забава на било кој начин кој вклучува носење панталони. Ние уште долго ќе бидеме под влијание на импресиите од новиот 911 – а во меѓувреме, погледнете ги фотографиите и видеото…

Видео

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.