ПРЕМИЕРА: Audi официјално го претстави Q4 e-tron Concept – Серискиот автомобил пристигнува следната година – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Audi официјално го претстави Q4 e-tron Concept – Серискиот автомобил пристигнува следната година

Новиот електричен SUV на Audi ќе пристигне следната година – но германскиот бренд веќе ги објави сите детали околу новиот Q4 e-tron!

„Концептот“ (да не се лажеме, ова не е концепт, ова е помалку или повеќе серискиот автомобил) е долг 4.59 метри, широк 1.9 метри и висок 1.65 метри, и според Audi е поставен во „горната третина од компактната класа“. Користи два електромотори кои испорачуваат 300 коњски сили, како и голема батерија со капацитет од 82 kWh. Ова овозможува забрзување до 100 километри на час за 6.3 секунди и максимална брзина од 180 километри на час. Автономијата – според строгите WLTP мерења – е повеќе од 450 километри и поставуваа нови стандарди во оваа класа.

На предниот дел на концептот доминира големата (не-баш-функционална, сепак се работи за електричен автомобил) маска на ладилникот околу која се поставени хоризонталните предни светла со несекојдневна графика. Интересен детал е и светлечкото e-tron лого поставено во долниот дел од браникот. На задниот дел гледаме нова интерпретација на светлосниот потпис на e-tron, како и интересен дифузер. И на задниот браник има светлечко e-tron лого – овој пат во црвена боја, повторно поставено во браникот.

Кабината на концептот е интересно изведена и не следи ниту еден од тековните модели на Audi – барем не директно. Секако, тука е главниот инфозабавен уред како и дигиталниот панел со инструменти, но поставеноста и дизајнот се сосем различни.

Инаку, благодарение на новите технологии кои Audi ги користи, Q4 e-tron може да се полни на полначи со моќност од 125 kW и 80% од батеријата може да бидат наполнети за помалку од половина час. Секако, улога игра и коефициентот на аеродинамичност од само 0.28 Cd, како и напредниот систем за рекуперација на енергија и комплексниот систем за управување со загревањето на батериите и погонот.

Поврзано:  ABT го тјунираше Audi SQ8

Q4 e-tron е дел од агресивната стратегија за електрификација на Audi – германскиот производител да има не помалку од 12 електрични модели до 2025-тата година. Дел од оваа понуда ќе бидат Audi e-tron, како и e-tron Sprotback, одличниот e-tron GT кој беше претставен во Лос Анџелес, новиот Q4 e-tron, но и поконвенционални седани и каравани кои наскоро ќе бидат проетставени.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.