Peugeot 3008 е еден од најпопуларните модели во својот сегмент, па токму затоа решивме да поминеме малку време со побогато-опремената верзија Allure и да се потсетиме на квалитетите на францускиот SUV.
Кога пред нешто повеќе од една година за прв пат го возевме 3008, рековме дека гордо седи на европскиот трон. Да, Peugeot 3008 беше избран за Европски Автомобил на Годината за 2017, и воедно беше првиот SUV кој успеал да го освои ова признание.
Популарноста на SUV-моделите од сите сегменти на некој начин „го обврза“ францускиот бренд да понуди продукт кој не само што ќе биде конкурентен, туку и ќе успее да се истакне меѓу – за волја на вистината – навистина компетентната конкуренција. Конкуренцијата доаѓа како од Франција, така и од другите европски земји – но и од далечниот исток. Сето тоа значеше дека Peugeot мораше навистина, навистина добро да ги одигра поделените карти и да понуди квалитетен SUV.
И тие го направија токму тоа – титулата која 3008 ја освои беше повеќе од заслужена, а на Peugeot му послужи како дополнителен залет. Всушност, неколку години подоцна – 3008 е еден од најпопуларните модели во сегментот!
Тоа што требало да каже, кажал
Таа популарност не доаѓа само од титулата, секако. 3008 е пред сè модерен – привлечниот дизајн веќе го дискутиравме, но повторно ќе напоменеме дека изгледа навистина несекојдневно. Ни се допаѓаат и „налутената фаца“, но и супер-модерниот заден дел со „споени“ задни светла. 3008 се истакнува преку динамичноста, но тоа во ниту еден момент не предизајнирано ниту пак вулгарно. Тоа што требало да каже, кажал, нема потреба да биде гласен. Плус, одлично изгледа со поголеми тркала.
Вистинските амбиции на Peugeot кон повисоките сегменти се препознаваат во кабината – материјалите кои се користени во кабината и нивото на завршна обработка ги заслужуваат сите пофални зборови кои ги добиваат. Скоро сè што можеме да допреме е од една страна убаво дизајнирано, а од друга страна обложено со квалитетни и фини на допир материјали.
Повторно ќе се согласиме дека i-Cockpit пристапот на Peugeot со малиот управувач и инструментите поставени над него нема да бидат по сечиј вкус, но ќе бидеме упорни во нашиот став – влезете, пробајте. Ќе ви биде малку чудно првите неколку минути, а потоа ќе ја „сфатите финтата“ и ќе биде како да сте го користеле овој систем со години. Ни се допаднаа и супер-комфорните седишта кои се дел од Allure пакетот – не само што изгледаат многу кул, туку се и комфорни и нудат одлична странична поддршка.
Задната клупа нуди сосем доволно простор – патниците ќе имаат место и за колената и за главите, а дизајнерите и инженерите на Peugeot биле дарежливи и кога станува збор за багажникот – таму ќе најдете одлични 520 литри зафатнина, кои нараснуваат на 1580 литри со спуштени задни седишта.
1.6-литарскиот BlueHDI со 120 коњски сили е „златната средина“
Повторно, нашиот Peugeot 3008 дојде со одличниот BlueHDI турбодизел со 120 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Како и сите други верзии, и овој ја пренесува силата кон предните тркала, но напредниот Grip Control систем е тука доколку решите да го напуштите асфалтот. Ние го направивме тоа – и немавме никаков проблем. Малиот турбодизел може да биде изненадувачки економичен – бидете внимателни и во градски услови ќе троши нешто ситно над 6 литри на 100 изминати километри.
Ако ние го нарачуваме 3008, најверојатно би ја одбрале токму оваа комбинација, но наместо мануелниот менувач би го одбрале одличниот нов 8-брзински автоматик – едноставно, подобро му прилега на карактерот на 3008. Дополнително, мораме повторно да напоменеме дека 3008 е изненадувачки динамичен – а тоа се должи на одличната основа – EMP2 платформата на која е поставен.
3008 ужива во заслужена популарност
Конечно, се враќаме на оригиналниот заклучок – 3008 заслужено беше на тронот. Привлечниот дизајн во комбинација со некарактеристичната-за-SUV динамичност го прави да биде очекуван избор – односно, како што и самиот наслов кажува – оправдано посакуван.
Видео
Спецификации
Модел: | Peugeot 3008 1.6 BlueHDI Allure |
Мотор: | 1.6-литарски турбодизел, 4 цилиндри |
Моќност: | 120 коњски сили / 3500 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 300 Nm / 1750 вртежи во минута |
Менувач: | Мануелен, 6 брзини |
Забрзување 0-100 км/ч: | 11.2 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 4447 mm |
Ширина: | 2098 mm (со странични ретровизори) |
Висина: | 1624 mm |
Тежина: | 1300 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2675 mm |
Багажен Простор: | 520 – 1580 литри |
Потрошувачка: | 6.6 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | Peugeot 3008 1.2 PureTech 130 Access – 23.550 Евра |
Цена на тестираниот модел: | Peugeot 3008 1.6 BlueHDI 120 Allure – 32.600 Евра |
Повеќе Информации: | peugeot.mk |