Моќноста на 2.5-литарскиот TFSI со турбополнач и пет цилиндри останува непроменета – но 400 коњски сили воопшто не се за потценување!
Освежените TT RS Coupe и Roadster добиваат ревидирана маска на ладилникот со поголеми отвори за воздух, нов заден спојлер со странични „крилца“, LED предни светла и Matrix OLED задни светла.
Сепак, освежувањата не завршуваат таму – купувачите ќе можат да изберат меѓу осум различни бои (меѓу кои има две нови – Pulse Orange и Turbo Blue – како и една – Kyalami Green – која е ексклузивна за TT RS и RS Roadster), a ќе можат да се добијат и стајлинг пакети со детали во мат алуминиум или сјајна црна боја. Дополнително, врвната верзија на TT добива и нов MMI Navigation Plus систем со гласовни команди, како и Bang & Olufsen премиум аудио уред со моќност од 680 вати.
Моторот останува недопрен – но ова е еден од оние брилијантните мотори. 2.5-литарскиот TFSI турбо-бензинец со пет цилиндри ќе продолжи да испорачува 400 коњски сили и 480 Nm вртежен момент, кои ги пренесува на асфалтот преку 7-брзински S-Tronic менувач со двојна спојка и Quattro погон на сите четири тркала. Резултат на сето тоа? „Стотка“ за 3.7 секунди и електронски-ограничена максимална брзина од 250 километри на час – но „направете муабет“ со вашиот Audi претставник (и доплатете „нешто ситно“) и тој лимит може да биде подигнат на 280 километри на час. Нарачките се веќе отворени!