ТЕСТ: SEAT Leon 2.0 TDI 150 FR – Дизелски хот хеч? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: SEAT Leon 2.0 TDI 150 FR – Дизелски хот хеч?

Поминавме малку време со спортската варијанта на новиот Leon – онаа со ознаката FR – и некако, само по себе се постави прашањето – дали хечбек со дизелско срце навистина може да биде некаков „хот хеч“?

Leon е најважниот модел во гамата на шпанскиот бренд – иако спортскиот хечбек е на пазарот веќе неколку години, со неодамнешниот фејслифт Seat го освежи својот модел и интересот за него како воопшто да не опаѓа. Всушност, според некои неофицијални податоци, и покрај SUV-експанзијата на SEAT (брендот во моментов ги нуди Arona, Ateca и големиот Tarraco) токму Leon е најпродаваниот модел на шпанскиот бренд во Европа и во 2018.

Leon е наменет токму за помладите, оние кои сакаат нешто подинамично и поинтересно

Ако седнеме малку да подразмислиме, не е воопшто тешко да се разбере зошто Leon сè уште е толку популарен – тој е одлична алтернатива за оние кои бараат модерен и привлечен хечбек кој од една страна е поавангарден од релативно конзервативниот Golf, значително помладешки од супер-практичната Octavia и подостапен од премиум братот во ова семејство – Audi A3. Од друга страна, Leon ги добива помалку или повеќе истите технологии како и другите автомобили базирани на оваа платформа, а бидејќи SEAT е своевиден спортски бренд во „цивилното“ портфолио на Volkswagen одлично е позициниониран да ги привлече помладите купувачи.

Дискретен фејслифт – Leon веќе изгледаше одлично

Со неодамнешниот фејслифт, SEAT дискретно го затегна Leon – иако во нашите очи на дизајнот навистина не му требаше затегнување. Сепак, добиваме нови браници со понагласени и поголеми отвори за воздух, тука и таму е затегната по некоја линија, задните светлосни групи се дискретно редизајнирани, како и задниот браник. Дополнително, кабината доби нови мултимедијални уреди и уште некои други ситници – но во суштина, ова е Leon каков што го познаваме – со малку ботокс и освежен лик. Бонус поени за завршетокот на издувниот систем кој сè уште е вистински а не хромиран пластичен декоративен елемент.

Во нашите очи, Leon продолжува да биде еден од најпривлечните модели во класата – особено во FR изведба која добива уште поагресивни браници и истакнати спортски детали. Единствено би ги исфрлиле двобојните тркала и би одбрале некои еднобојни – оној кој го започна трендот со двобојни тркала треба да биде однесен позади зграда и застрелан.

Комфорна кабина со многу, многу спортски детали

Одиме понатаму – кабината на SEAT Leon FR. Ги отвораме вратите и нè пречекуваат спортски седишта обложени со кожа, спортски управувач и спортска рачка на менувачот – сите убаво и внимателно изработени, и со супер-секси црвени конци за опшивките.

Црвените опшивки се ситен, но убав детал. Сето ова резултира со кабина која е навистина привлечна – се седи ниско и комфорно, а седиштата нудат повеќе од доволно странична поддршка дури и при подинамично возење.

Сите оние кои седеле во некој од моделите на Volkswagen од тековната генерација веднаш ќе се снајдат и во Leon – сите контроли се логично и прегледно поставени и супер-лесни за користење. Пред возачот се поставени лесно-разбирливи инструменти, додека мултимедијалниот уред е поставен на централната конзола. Мултимедијалниот уред нуди многу можности за поврзување (MirrorLink, Android Auto и Apple CarPlay) и работи навистина брзо и респонзивно, но ќе забележиме дека нема физички копчиња за „кратенки“ за побрзо пристапување до различните функционалности. Од друга страна, ни се допаѓаат контролите за клима-уредот кои се засебни и физички – како што треба да бидат.

На задната клупа има доволно простор за двајца (па и тројца, во итни ситуации) возрасни патници, насекаде околу кабината има места за одлагање ситници, и иако некои од пластиките се поцврсти во однос на директните и не-баш-директните конкуренти, сепак кабината на Leon е пријатно место за седење и минување километри.

Динамичност на самиот врв во класата

Вистинскиот FR-карактер на Leon доаѓа до израз токму кога ќе седнете да возите. FR ознаката означува неколку спортски доработки на автомобилот – меѓу кои и пониска, поцврста суспензија, поголеми тркала и спортски пневматици – а тоа резултира со еден од најуправливите хечбекови во класата. Leon ја менува насоката на движење со изненадувачка леснотија без притоа да биде наклонет ниту кон подуправување, ниту кон надуправување – всушност, спортскиот карактер на Leon на возачот му дава доверба во неговите можности и го наградува талентот.

Она кое можеби нема да се допадне некому е цврстината на суспензијата на Leon – во ниту еден момент во кабината не е некомфорно – барем во контекст на спортски хечбек – но има конкуренти кои се покомфорни. Сепак, тоа е цената која треба да се плати за спортското управување, и тоа е цена која сме ние сосем подготвени да ја платиме.

Моќен и економичен турбодизел

Нашиот тестен модел дојде опремен со добро-познатиот 2-литарски TDI турбодизел на Volkswagen групацијата. Во оваа конфигурација тој испорачува 150 коњски сили од 3500 вртежи во минута и моќни 340 Nm вртежен момент од 1750 вртежи во минута – но она што навистина изненадува е леснотијата со која овој мотор „врти“ – и многумина можеби ќе мислат дека нуди повеќе од тие декларирани 150 коњски сили.

Секое притискање на гас го забива грбот во седиштето – а моторот лесно и подготвено врти до црвената линија. Дури ни звукот не е лош. Перформансите се повеќе од задоволителни – 100 километри на час пристигнуваат за 8.4 секунди а максималната брзина е 215 километри на час, а Leon FR може да биде и изненадувачки штедлив – дури и со подинамично возење потрошувачката не надминуваше 7.5 литри на 100 изминати километри – бидете повнимателни со педалата за гас и таа може да биде и пониска.

Дали Leon FR TDI е „хот хеч“?

И сега конечно, ајде да одговориме – дали Leon FR TDI може да се смета за хот хеч? Во ред, перформансите не се на истото рамниште на вистинските хот хеч модели на денешницата – но тие имаат и по двојно повеќе конњски сили. Сепак, Leon FR нуди управливост и динамичност која е на самиот врв на класата, во комбинација со привлечен дизајн, многу, многу технологија и перформанси кои воопшто не се за занемарување. Дизелски хот хеч? Зошто да не!

Видео

Спецификации

Модел: SEAT Leon 2.0 TDI 150 FR
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 340 Nm / 1750 вртежи во минута
Менувач: Мануелен, 6 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 8.4 секунди
Максимална Брзина: 215 километри на час
Должина: 4281 mm
Ширина: 1975 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1444 mm
Тежина: 1305 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2636 mm
Багажен Простор: 380 литри
Потрошувачка: 7.5 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: SEAT Leon 1.0 TSI 85 Reference – 15.838 Евра
Цена на тестираниот модел: SEAT Leon 2.0 TDI 150 FR – 24.167 Евра
Повеќе Информации: SEAT.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.