Новата, втора генерација на Mercedes-Benz CLA е дело на македонскиот дизајнер Славче Таневски, и тукушто беше официјално претставена на CES во Лас Вегас!
Кажуваат – она што се случува во Вегас, останува во Вегас. Но сепак, убедени сме дека новиот Mercedes-Benz CLA ќе го продолжи успехот на минатата генерација и нема да остане само во Лас Вегас.
Новиот дизајн е поостар, позатегнат и е во согласност со тековниот јазик на германскиот бренд – познавачите на брендот ќе препознаат дизајнерски детали кои влечат инспирација од големиот CLS. Сепак, CLA има свој лик, особено во предниот дел кој добива предни светла со поинтересна форма од оние кај A-Class. Задниот дел иако влече инспирација од CLS, сепак има свој идентитет (и во нашите очи дури изгледа подобро од големиот брат). Секако, тука е очекуваната купеовска форма, но и моќните самоуверени линии кои одлично му прилегаат на компактниот купе-седан.
Она што го гледаме на фотографиите е CLA 250, кој користи четири-цилиндерски турбо-бензинец со 225 коњски сили и 350 Nm вртежен момент. Задолжен за преносот е 7G-DCT менувачот со двојна спојка, а од Mercedes-Benz кажуваат дека до лансирањето во Мај ќе биде понудена широка гама на турбо-бензински и турбо-дизел мотори, но и можност да се избере меѓу мануелен или автоматски DCT менувач, како и погон на предните или сите четири тркала.
Новата генерација е нешто поголема од минатата – сега автомобилот е долг 4688 милиметри, додека меѓуоскиното растојание е зголемено за дури 30 милиметри. Автомобилот е поширок за 53 милиметри и сега е широк 1777 милиметри, но интересно, ширината со отворени ретровизори е 2032 милимети – 33 милиметри помалку од првата генерација. Предната трага е поширока за 63 милиметри а задната за 55 милиметри. Багажниот простор нуди капацитет од 460 литри.
Кабината го добива Mercedes-Benz User Experience (MBUX) системот, и стандардно ќе доаѓа со два 7-инчни дисплеи. Купувачите ќе можат да доплатат за два 10.25 инчни дисплеи, како и за контрола преку гестикулации. Секако, CLA ги добива сите модерни технологии на Mercedes-Benz, а ние не би пропуштиле да го нарачаме Burmeister аудио уредот. ;)