РЕТРОСПЕКТИВА: Porsche 911 – Добредојде 964! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

РЕТРОСПЕКТИВА: Porsche 911 – Добредојде 964!

Дали знаевте дека Porsche 911 веќе има седум генерации зад себе? 27-ми ноември ќе биде официјален почеток на најновата, осма генерација на овој легендарен спортски бренд. Додека ги чекаме официјалните статистики и фотографии, да се потсетиме на третата генерација на Porsche 911 – 964.

Голем број на критичари на Porsche ја гледаа 964 генерацијата на 911 само како 911 930 со интегрирани браници. Делумно, беа во право бидејќи формата остана речиси идентична како и на претходниот модел со ситни козметички затегнувања. Но, главните промени кај третата генерација на 911 беа „под кожата“ – 85% од составните делови беа нови!

964 започна да се произведува во 1988-мата година. Како доказ за новитетите „под кожа“, Porsche за прв пат нуди погон на 4 тркала во 911 моделот. Тоа не е било кој погон на 4 тркала – се работи за поедноставена верзија системот од супер-спортскиот Porsche 959, автомобил за кој владее општа согласност дека бил произведен 10-тина години прерано поради користените технологии. Така, се раѓаат Porsche Carrera 4 и Carrera 2 (соодветно на бројот на погонувани тркала). Овие основни верзии имаат нови мотори со зголемени зафатнини од 3.6 литри и моќност од 250 коњски сили. Новина кај погонот се и двете свеќички по цилиндер за подобро палење на горивото, како и Tiptronic менувачот.

Покрај веќе вообичаените 911 Cabriolet и 911 Targa, во третата генерација се појавуваат и неколку лимитирани едиции: 911 Jubilee и 911 Speedster. 911 Jubilee симболично се произведува во 911 примероци, има проширени предни и задни крила, 17-инчните тркала од 911 Turbo, погон преземен од Carrera 4 и прекрасна Viola Metallic виолетова боја комбинирана со Rubicon сив кожен ентериер. Истата, 1993 година е претставен и 911 Speedster – произведен во 930 „обични“ примероци и уште 15 ексклузивни примероци кои се базирани на 911 Turbo шасијата.

Кога сме кај 911 Turbo, под задниот поклопец се „криел“ 3.3 литарскиот мотор, за подоцна зафатнината да нарасне на 3.6 литри и 360 коњски сили. Новитет е и претставувањето на 911 Turbo S со 381 коњски сили. Производството траело само 6 години (наспроти 16 години за претходната генерација) и биле произведени 63.762 примероци од 964 генерацијата на Porsche 911.

Поврзано:  Porsche Клуб Македонија го прослави третиот роденден



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.