27-ми ноември е се поблиску – со нетрпение се чека официјалното претставување на осмата генерерација на Porsche 911. Чекањето понекогаш станува досадно, затоа CARclub.mk ве води низ еволуцијата на најпознатиот спортски автомобил во светот.
1973 година, речиси 10 години по почетокот на производството, новиот предизвик за втората генерација на 911 е колку брзо и успешно може да се приспособи на константните промени во авто-индустријата – особено безбедноста. „Спортистот“ на Porsche е веќе целосно прифатен меѓу американските авто-ентузијасти и ужива доверба во купувачите, и не дозволува промените во безбедносните стандарди да влијаат на продажбата. Инстантно ги вметнува новите задолжителни еластични браници со кои би се спречила штета на возилото при удари со брзина помала од 8 км/ч. Како дополнителни мерки за зголемување на безбедноста, во стандардна опрема се вметнати безбедносните појаси, потпирачи за глава против повреди на вратот, како и безбедносна воланска осовина која при удар се прекршува и ја намалува шансата за набиеници на абдоменот и градниот кош.
Зафатнината на моторите не престанува да расте и во оваа генерација – сега блокот на 911 RS со зафатнина од 2.7 литри е „база“ за најосновниот мотор, но по кратко време повторно се зголемува на 3.0 литри, за во 1983 година да нарасне на 3.2 литри.
Во втората генерација за прв пат се појавува и мотор со турбо полнач. Со зафатнина од 3.0 литри и моќност од 260 коњски сили (подоцна и 3.3 литри и 300 коњски сили), овој мотор е основа за првиот Porsche 911 Turbo. Turbo е надалеку познат по непредвидливата природа на управувањето – доколку во свиок моторот постигне доволно вртежи за да се „вклучи“ турбината, задницата на 911 Turbo прави тотално неочекувани движења. Ваквиот карактер на управувањето резултирал со многу несреќи со смртни последици, со што 911 Turbo го добива прекарот Widowmaker (создавач на вдовици).
1989 година го одбележа крајот на втората генерација на Porsche 911. Како последен модел е претставен 911 Speedster произведен во само 2274 примероци со кои бројката на вкупно произведени примероци од втората генерација изнесува 198.496 низ 16 години долгото производство.