Запрашајте се себеси – на што прво помислувате кога ќе помислите на Volvo? Скоро со сигурност ќе помислите на безбедните кутии за чевли на тркала од минатиот век, кои во ниеден момент не зрачат со сексапил или пак некаква визуелна привлечност. Но, дали би поверувале дека точно пред 50 години, Volvo ни го подари еден од најубавите автомобили на сите времиња?
Кога пред неколку месеци им покажавме слика на неколку наши пријатели и побаравме од нив да погодат за чив автомобил се работи, одговорите кои ги добивме од сите беа дека се работи за некој Aston Martin, MG или пак некоe купе од Италијанско производство. Кога всушност им кажавме дека се работи за Volvo од пред 50 години останаа со подзинати усти.
Добро, да бидеме искрени – дизајнот е базиран врз цртежи на познатиот италијанец Пјетро Фруа, но финалниот дизајн е дело на Пеле Петерсон – ученик на Фруа и син на еден од консултантите на Volvo – Хелмер Петерсон.
P1800 дебитираше во 1961-вата година и неговата цел беше да ги привлече купувачите во салоните на Volvo, а тие да купат било кој од автомобилите на Шведскиот производител. Секако, интересот беше навистина голем и заради појавувањето на P1800 во ТВ-серијалот Светец, во кој главната улога ја имаше легендарниот Роџер Мур.
Кога за прв пат се појави во авто-салоните имаше мотор од 100 коњски сили, кои го придвижуваа P1800 до скоро 200 километри на час! Како што минуваа годините, така и се усовршуваа моторите кои влегуваа во P1800, па така со време автомобилот доби мотори со поголема зафатнина и поголема моќност – 118 коњски сили, а на крајот 130 коњски сили и забрзување од 0 од 100 километри на час за 9.5 секунди.
Дали знаете дека P1800 е рекордер по број на изминати километри? Ирв Гордон, пензиониран професор од Пачог, во Њу Јорк е рекордер по бројот на изминати километри – и тоа токму во Volvo P1800. Тој во 1998-мата година влезе во Гинисовата Книга на Рекорди со 1.69 милиони милји, или некаде околу 2.719.790 километри! Но господинот Гордон не запрел таму и во моментов на неговиот километражник се прикажани 2.9 милиони милји или неверојатни 4.667.100 километри!
Не е воопшто лошо за автомобил стар 50 години, нели?