Концептот повеќе не е концепт! Porsche одлучи да го официјализира производството на 911 Speedster – автомобилот кој неодамна концептуално го претстави пред јавноста.
Ќе бидат произведени 1,948 примероци, соодветно на годината кога прототипот на Porsche 356 Speedster добива дозвола да „зачекори“ на јавните патишта. Иако сме прилично сигурни дека ова не е финалниот изглед на 911 Speedster (а ни финалното име), ветувачки делуваат минималните измени кои ги забележуваме во споредба со сребрениот концепт кој го видовме во јуни.
Прва очигледна разлика е бојата. Овој пат, 911 Speedster Concept носи црвено одело и различни „чевли“. Овие 21-инчни, ексклузивни за моделот тркала потсетуваат на оние тркала кои Porsche ги користи за 911 RSR и 911 GT3R модели од својата тркачка дивизија. Другата лесно воочлива разлика е ентериерот. Храбриот, беж ентериер на првичниот концепт е заменет со комплетно црн кожен ентериер со впечатливи – но вкусно пласирани црвени детали.
Малку посуптилни, но сепак важни промени се црвените DRL светла (кои се дефинитивно нелегални за јавни патишта) и фанки ретровизорите кои добиваат двобоен дизајн. Најдобрите работи остануваат непроменети: задниот карбонски поклопец се уште изгледа одлично, како и третото стоп светло кое ги поврзува двете грпки си ја задржува својата позиција. На сечија радост, извори велат дека и погонската единица ќе остане непроменета.