Најспортската изведба на Ceed ќе ја носи ознаката GT и ќе носи 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 204 коњски сили!
Рецептот е едноставен – земете автомобил кој е веќе интересен, додадете му спортски детали, поголеми тракала и помоќен мотор, и имате победничка комбинација.
Во случајот на Ceed GT, тоа значи дека привлечниот корејски хечбек добива поспортски браници со детали во црвена боја, 18-инчни тркала обвиени во спортски гуми и многу спортски детали во ентериерот. Резултатот е повеќе од привлечен хечбек кој ќе се бори со германските и француските конкуренти.
За задвижување на Ceed GT е задолжен добро-познатиот 1.6-литарски T-GDi турбо-бензинец кој испорачува 204 коњски сили и 265 Nm вртежен момент од 1500 до 4500 вртежи во минута. Стандардно ќе се комбинира со прецизен 6-брзински мануелен менувач, но поради побарувањата на купувачите ќе може да се нарача и со 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка.
Сега за сега немаме информации околу перформансите – тие ќе бидат објавени кога ќе се наближи стартот на продажбата.