Ја искористивме можноста повторно да поминеме неколку дена со модерниот и привлечен хибрид на Toyota – и повторно ни се потврди мислењето дека ова е најинтересниот хибриден автомобил кој јапонскиот производител во моментов го нуди!
Како што пишувавме кога минатата година за прв пат седнавме зад управувачот на C-HR, токму со овој модел Toyota повторно го пронајде својот грув. Модерниот дизајн кој успева да се издвои од сè друго на улиците, во комбинација со докажаниот, доверлив и економичен хибриден погон, но и доверливоста која е помалку или повеќе загарантирана кaj Toyota резултираат со навистина интересен автомобил.
Кул дизајн, кул детали – кул автомобил!
Автомобилот со кој сега поминавме неколку дена се разликува од оној кој го возевме минатата година во однос на опремата – навистина ни се допадна сребрената боја на нашиот тестен модел, а ни се допаднаа и големите тркала со првилечен дизајн.
Сепак, ако мораме да одвоиме неколку детали кои навистина ни оставија впечаток, ќе ги истакенеме лајсните и ситните деталчиња во дреч-неон-зелена боја кои совршено му прилегаат на футуристичкиот карактер на C-HR.
Модерен ентериер, врвна опрема
Истиот пристап за футуристички дизајн е применет и во ентериерот – кој во оваа верзија е вистински оплеменет. Да, тука се сите играчки кои се нудат, меѓу кои е и новиот мултимедијален уред со вградена навигација, но навистина ни се допаднаа супер-комфорните кожни седишта кои доаѓаат со ова ниво на опрема. Всушност, ако ја земеме во предвид опременоста и квалитетот на материјалите кои се искористени кај вака-опремен C-HR, со голема доза на сигурност ќе кажеме дека C-HR скоро воопшто не заостанува зад моделите на луксузниот Lexus.
Исто како и минатата година, и сега ги имаме истите пофалби и забелешки – лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција, но прегледноста е ограничена кон задниот дел како последница на дизајнот и опаѓачката кровна линија. Сепак, тој проблем лесно се надминува благодарение на паркинг камератата. Не сме фанови ниту на контролите за мултимедијалниот уред, но имаме контроли на управувачот па тоа и не е преголем проблем.
Во секој случај, кабината е мирно и комфорно место за седење, со многу места за одлагање ситници и многу, многу интересни детали. Задната клупа не е преголема, но без проблем ќе се возат двајца патници. На располагање ќе имате 377 литри багажен простор, достапни преку голем отвор со правилна форма. Багажникот не е предлабок, но 377 литри се сосем доволни со оглед на класата на која припаѓа C-HR.
Супер-модерна и супер-амбициозна платформа
Како што веќе добро знаеме, C-HR ја позјамува платформата од најновата генерација на супер-успешниот хибрид на Toyota – Prius. Всушност, TNGA платформата (Toyota New Global Architecture) на јапонскиот бренд ќе се користи и за новата Corolla, но и за новиот Lexus UX, а тоа зборува многу за квалитетите и амбициите на TNGA.
Што всушност добиваме кај C-HR? Како и досега, добиваме 1.8-литарски атмосферски бензинец кој го користи Аткинсоновиот циклус, во комбинација со електромотор. Вкупната, системска моќност е 122 коњски сили и 142 Nm вртежен момент. Тоа не звучи како многу, но благодарение на супер-ефикасниот CVT менувач кој ја пренесува силата кон предните тркала добиваме забрзување до 100 километри на час кое трае 11 секунди и максимална брзина од 170 километри на час. Овие перформанси се повеќе од респектабилни, особено кога ќе се стават во контекст на економичноста на C-HR Hybrid.
Сето тоа резултира со врвна економичност
Токму тука стапува на сила вистинскиот талент на C-HR, односно на знаењето кое Toyota го има со хибридните возила. Ако му посветите малку внимание и „научите“ како да го возите, од C-HR можете да очекувате изненадувачни ниски бројки кога станува збор за потрошувачката. Бидете внимателни и можете да очекувате градска потрошувачка во рамка на 5 до 5.5 литри на 100 изминати километри. Бидете екстра-внимателни и таа бројка може уште да оди надоле, но во реалноста бројката од 5 до 5.5 литри бензин на 100 километри е лесно-остварлива без да „возите како пензионер.“
Релаксираноста на хибридните модели е одлучувачкиот фактор
Она што го повторуваме секој пат кога возиме некој хибриден модел на Toyota или Lexus е дека самиот автомобил како да наметнува порелаксиран стил на возење. Секако, има зошто го правиме тоа – едноставно хибридниот погон и CVT менувачот го прават возењето да биде како игра, односно се натпреваруваме со самите себеси да постигнеме што е можно пониска потрошувачка, а тоа резултира со опуштен пристап кон сообраќајот.
Секако, C-HR може да биде „спортски“ кога тоа ќе го побарате од него – но верувајте, нема да го правите тоа. Ќе уживате во неговиот јапонски квалитет и во технолошките решенија, и ќе се натпреварувате со самите себеси да бидете што е можно поекономични. Тоа што C-HR е едноставно кул на свој сопствен, урбан начин е дополнителен аргумент плус!
Спецификации
- 1.8-литарски атмосферски бензинец + електромотор
- Системска Моќност: 122 коњски сили
- Максимална брзина: 170 км/час
- Забрзување 0-100: 11 секунди
- Должина: 4360 mm
- Ширина: 1795 mm
- Висина: 1555 mm
- Тежина: 1460 kg
- Меѓуоскино растојание: 2640 mm
- Багажен простор: 377 литри
- Потрошувачка: 4.7 литри на 100 километри (измерена, градска)
- Цена на основниот модел: Toyota C-HR Hybrid Center – 24.890 Евра
- Цена на тестираниот модел: Toyota C-HR Hybrid Classy – 29.590 Евра
Забелешка: Во моментот на објавување на овој тест акциска цена за C-HR Hybrid Classy е 27.590 Евра
Повеќе информации: Toyota.com.mk
Фотографии
Фотографија: Дејан Маликовски