Новите линии на корејскиот хечбек го доведуваат во линија со i30 Fastback, додека новите мотори ги исполнуваат најновите Euro6 6d Temp стандарди.
Измените не се за занемарување – Hyundai i30 добива нов 1.6-литарски Smartstream турбодизел кој ги исполнува Euro 6d Temp стандардите. Новиот турбодизел ќе се нуди во три различни изведби – со 96, 116 и 136 коњски сили. Најслабата верзија ќе се добива само со шест-степен мануелен менувач, додека помоќните верзии ќе може да се добијат и со 7-брзински DCT автоматски менувач со двојна спојка.
Сите верзии на Smartstream турбодизелот добиваат систем за третман на издувните гасови со кој се намалуваат емисиите на штетни гасови. Најекономичната верзија е токму онаа основната која според официјалните податоци ќе троши само 3.8 литри гориво на 100 изминати километри и ќе емитува 99 грама C02 километар. Новитет кај бензинците е дека сега сите мотори ќе имаат филтер за ситни честички (сличен на DPF системот кај дизелските мотори).
Инаку, визуелните измени се сведуваат на нов браник (кој е како кај i30 Fastback) и две нови бои – Stellar Blue и Olivine Grey. Кабината добива нов 8-инчен мултимедијален уред со интегрирани Apple CarPlay и Android Auto кој препознава гласовни команди.