Францускиот производител објави дека сите возила кои се дел од неговата гама се целосно сертифицирани во согласност со новите WLTP стандарди за емисија на штетни гасови и потрошувачка.
Новиот WLTP (Worldwide Harmonized Light Vehicle Test Procedure) протокол станува задолжителен од 1ви Септември оваа година, и тоа за сите патнички возила кои се продаваат во Европската Унија. Францускиот производител Peugeot со гордост објави дека сите патнички возила кои ги произведува и продава се во целосна согласност со WLTP процедурата за тестирање.
Благодарение на технологиите кои се дел од PureTech и BlueHDi моторите кои се лансирани уште во Септември минатата година, возилата на Peugeot веќе ги исполнуваат стандардите за емисија на NOx, CO2 и ситни честички. Францускиот производител одлучи предвремено да инвестира во најефикасните можни технологии за контрола на емисија на штетни гасови. Меѓу другото, уште во 2013-тата година воведоа Selective Catalytic Reduction (SCR) системи на BlueHDI моторите, како и филтри за ситни честички на PureTech моторите со директно вбризгување.
WLTP тестирањето (за кое веќе пишувавме) е многу пореално од застарениот NEDC систем кој се користеше за мерење на потрошувачката. Циклусот на возење кој го користи WLTP е значително поблиску до реалното возење во контекст на дистанца, просечна брзина, време во кое автомобилот е во мирување, како и температурата на автомобилот. Овие тестирања резултираат со значително пореални бројки за потрошувачката и се поблиску до вистинското користење на автомобилите. Она што е интересно е дека резултатите од лабораториски тестирања на CO2, NOx и ситни честички се потврдуваат во реални услови на вистински патишта.