Тјунинг компанијата Pogea Racing претстави засилена верзија од 4C наречена Nemesis која располага со 477кс.
Alfa Romeo стои на тврдењето дека на 4C не му е потребна Quadrifoglio верзија бидејќи е веќе најдобар во класата. Сепак, Pogea Racing не се согласуваат со тоа и се фатиле со работа за да создадат пакет подобрувања кои ќе му помогнат на лесниот спортист уште пожестоко да им се спротивстави на Porsche 718 Cayman и Alpine A110.
Тјунинг пакетот содржи цела палета специјално развиени делови. За почеток, 1.75-литарскиот бензински мотор е доработен на зафатнина од 1.95-литри и добил нов турбополнач. Инженерите на Pogea Racing исто така инсталирале и новo ковано коленесто вратило, ги надградиле главите на цилиндрите, монтирале ковани клипници и ставиле поголеми вентили за довод на воздух.
Листата продолжува со специјален издувен систем со карбонски издувни цевки, преработен менувач и изменета електроника за да се обезбеди хармонија во работата помеѓу сите надградби. Како резултат на сите измени, малото купе со погон на задни тркала сега располага со 477 кс, што е двојно од 237-те кс на стандардниот 4C. Доколку се прашувате за вртежниот момент, тој е зголемен од фабричките 350 Nm на 535 Nm.
Нема потреба да споменуваме дека поголемата сила има значителен ефект на перформансите на спортистот, бидејќи малиот Alfa Romeo сега забрзува од 0-100 км/ч за само 3.6 секунди кон максималната брзина од 308 кс/ч. Стандардната верзија го исполнува забрзувањето од 0-100 км/ч за 0.9 секунди повеќе, а исто така може да постигне само 258 км/ч.
Покрај подобрувањето на перформансите, пакетот содржи и аеродинамички боди кит со многу делови од карбон, а исто така и нови алуминиумски фелни од 18-инчи на предната оска и 19-инчи на задната. Ентериерот е обвиен во темна кожа и алкантара со контрасни црвени детали.
Детали околу цената не се објавени, но знаеме дека планот е да се направат само пет примероци, од кои еден веќе е на пат кон купувач од Австралија.